Битола, 19-25.09.26

Споделени искуства на ИФФК „Браќа Манаки“ од учеството во Јадранската мрежа на фестивали

Кога фестивалите соработуваат се зголемува просторот за европските приказни, за новите автори и за новата публика, вели Катерина Габунија, координаторка на ИФФК „Браќа Манаки“

Во организација на Канцеларијата на Креативна Европа од Македонија во соработка со Канцеларијата на Креативна Европа на Унгарија (Култура и МЕДИА) на 11 март се одржа заедничка сесија на двете потпрограми при што на сесијата за МЕДИА фокусот беше на повиците за Мрежи на европски фестивали, ВОД мрежи и Мини Слејт.

На првата сесија како претставник на ИФФК „Браќа Манаки“ учествуваше Катерина Габунија, координатор на Фестивалот, која ги сподели искуствата од учеството на фестивалот во „Network of Festivals in the Adriatic Region“.

Габунија подвлече дека за ИФФК „Браќа Манаки“, учеството во Јадранската мрежа на фестивали претставува многу повеќе од партнерство меѓу фестивалите. Тоа стана платформа за размена на знаење, зацврстување на регионалната соработка и воспоставување нови модели за работа со публика и филмски автори.

-Во рамките на мрежата, Фестивалот „Браќа Манаки“ реализираше повеќе активности насочени кон привлекување публика, едукација и промоција на европскиот филм, како: „Екоскоп“ (Ecoscope), иницијатива која го поврзува филмот со теми од одржливиот развој и екологијата и работилницата за светлосно загадување, под менторство на режисерката Марија Џиџева и кинематограферот Фејми Даут, на која учествуваа млади љубители на филмот од повеќе земји од регионот. Работилницата претставуваше уникатна можност за младите учесници да се запознаат со влијанието на светлото – и во кинематографијата и во животната средина – преку практична и креативна работа. Темата на оваа работилница беше „light pollution“, рече Габунија.

Друг значаен проект во рамките на мрежата е „Adriatic Audience Award“, иницијатива чија цел е активно вклучување на публиката во филмскиот процес. Покрај жири-комисии, токму публиката од повеќе фестивали во регионот гласа и го избира победничкиот филм.

-Во моментов, како дел од оваа иницијатива, работиме на дистрибуција и промоција на победничкиот филм „Малдорор“ (Maldoror), кој е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа. Целта на оваа активност е да се помогне филмот да допре до поширока публика преку фестивалската мрежа и да се зголеми неговата видливост на регионално ниво. Паралелно со тоа, веќе сме активно ангажирани и во процесот на селекција и претселекција на филмовите за „Adriatic Audience Award 2026“, што покажува дека мрежата не е само краткорочен проект, туку динамична платформа која континуирано се развива, информираше Габунија.

Мрежата иницираше и „Winter Edition“ на фестивалската мрежа, односно специјално „Зимско издание“, кое ја продолжува комуникацијата со публиката и надвор од традиционалната фестивалска сезона.

-Интересот од публиката оваа година беше навистина импресивен. За првпат ни се случи сите проекции да бидат резервирани уште во првиот ден од објавувањето на програмата, по што следуваше дополнително барање за нови проекции. Овие резултати покажуваат дека кога фестивалите соработуваат, се создава реална можност за привлекување нова и активна публика за европскиот филм. Токму тука се гледа и вистинската вредност на програмата „Креативна Европа“ – не само како финансиска поддршка, туку како рамка што овозможува создавање силни европски културни мрежи, рече Габунија.

Таа потенцираше дека кога зборуваме за темата „Соработувај, креирај, додај вредност“, Мрежата на фестивали од Јадранскиот Регион е одличен пример дека преку соработка може да се создаде поголемо културно влијание, нова публика и поголеми можности за европските автори.

-Фестивалите не се само места каде што се прикажуваат филмови. Тие се места каде што се создаваат идеи, се привлекува публика и се поврзуваат култури. Токму преку иницијативи како „Мрежата на фестивали од Јадранскиот Регион“ (The Network of Festivals in the Adriatic Region), поддржани од програмата „Креативна Европа“, фестивалите стануваат активни двигатели на културната соработка во Европа. Кога фестивалите соработуваат, тогаш не се зголемува само бројот на проекции. Се зголемува просторот за европските приказни, за новите автори и за новата публика. И токму затоа верувам дека иднината на европската култура лежи токму во ваквите мрежи, партнерства и заеднички иницијативи, заврши Габунија.