Битола, 19-25.09.26

Џеф Кроненвет е добитник на „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на 47. ИФФК „Браќа Манаки“!

Светскиот кинематографски маг и визуелен визионер Џеф Кроненвет е добитник на престижната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“!

Како автор на некои од највпечатливите и највлијателните визуелни ремек-дела во современата кинематографија, Кроненвет донесе револуција во филмскиот јазик. Неговата долгогодишна, култна соработка со режисерот Дејвид Финчер ни ги подари антологиските кадри во филмовите како Боречки клуб (Fight Club), Социјална мрежа (The Social Network), Исчезната (Gone Girl) и Девојката со тетоважа на змеј (The Girl with the Dragon Tattoo), кои му донесоа и две номинации за Оскар.

Познат како вистински „мајстор на светлината и сенките“, Кроненвет е пионер во дигиталната ера на кинематографијата. Тој успеа да го доведе дигиталниот формат до совршенство, користејќи прецизна психологија на кадарот каде што секое движење на камерата и секој зрак придушено светло директно ја отсликуваат внатрешната состојба и тензија меѓу ликовите.

Мајсторот на светлината, сенките и супериорната дигитална естетика доаѓа во Битола за да го прими највисокото признание и да застане рамо до рамо со великаните на светската кинематографија. Со доделувањето на ова признание, Кроненвет се приклучува на клубот на великаните на светската кинематографија кои ја понеле „Златна камера 300“ со што Битола уште еднаш цврсто се позиционира како центар на светската филмска уметност.

Свеченото врачување на наградата ќе се одржи во рамките на претстојното издание на фестивалот во Битола.