Битола, 19-25.09.26

„Куќа на светлосниот контраст “, колектив за заштита на професијата, знаењето и традицијата на кинематографијата

Во рамките на 47. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, беше претставен „Куќа на светлосниот контраст“ („Casa Chiaroscuro“) на италијанското здружение Колективо Кјароскуро (Collettivo Chiaroscuro), преку презентација на Лука Коасин, Сара Пуркаторио, Франческо Скацоси и Лука Чути.

На презентацијата беше истакнато дека Колективо Кјароскуро е создадено во 2022 година како иницијатива на група италијански кинематографери кои веруваат дека заедничкото делување, размената на знаења и дијалогот можат да придонесат за подобрување на условите и позицијата на професијата.

„Во 2022 година решивме да ја создадеме оваа нова асоцијација. Кинематограферите сакаат да работат за да ги менуваат работите на подобро. Ние во Италија решивме да се здружиме“, истакна Лука Чути.

Филозофијата на колективот се темели на заштита на професијата, почитување на достоинството и еднаквоста, но и на зачувување на историјата и традицијата на кинематографијата. Важен дел од нивната работа е и воспоставувањето отворен дијалог меѓу професионалците и споделувањето на искуствата и знаењата.

„Нашата филозофија е заштита на работата, почит, достоинство и еднаквост, историја и традиција, како и дијалог. Сакаме да го споделуваме нашето знаење“, вели Чути.

Преку „Casa Chiaroscuro“, колективот ја претставува својата визија за простор во кој кинематограферите можат да се поврзуваат, да разменуваат искуства и да разговараат за предизвиците и иднината на професијата. Во центарот на оваа иницијатива е идејата дека знаењето не треба да остане индивидуално искуство, туку да се пренесува и споделува со следните генерации.