За разликите, можностите и предизвиците на аналогните и дигиталните процеси во кинематографијата денеска се говореше на мастеркласот „Аналогни наспроти дигитални процеси од техничка и филозофска перспектива“, што се одржа во Кино Манаки, во рамки на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Мастеркласот го водеа германскиот кинематографер Јоханес Луис и колористот Дирк Меиер, кои темата ја разгледаа од перспективата на работата зад камерата, но и на процесите во постпродукцијата. Меиер, кој работи како фриленс колорист, постпродукциски консултант и предавач од 2005 година, зборуваше за начинот на кој се пристапува кон визуелниот изглед на еден филм и улогата на референците во процесот на градација со бои.
„Имам опис за тоа како сакам да изгледа кадарот. Кога ги гледаме референците на сликите, се обидувам да ги анализирам сликите. Се обидувам да разберам што кинематограферот гледа на сликите“, рече Меиер, објаснувајќи го својот пристап кон визуелната интерпретација на материјалот.
Меиер има работено на бројни играни филмови и документарци, а како колорист е потпишан на филмови како „Antichrist“ на Ларс фон Трир, „A Fantastic Woman“ на Себастијан Лелио, „Happy as Lazzaro“ на Аличе Рорвахер, „About Endlessness“ на Рој Андерсон и „The Secret Agent“ на Клебер Мендонса Фиљо. Тој е член на техничкиот комитет на ИМАГО, германското здружение на кинематографери BVK и Colorist Society International (CSI).
Јоханес Луис е германски кинематографер, со искуство во филмски и телевизиски продукции. Меѓу проектите на кои работел се филмовите „Hansel & Gretel: Witch Hunters“, „Berlin Metanoia“ и „Cleo“, како и серијата „Druck“.
Мастеркласот понуди простор за разговор за тоа како изборот на аналогни или дигитални процеси влијае врз визуелниот јазик на филмот, но и за тоа како техничките алатки се поврзуваат со креативните и филозофските одлуки на кинематограферите и професионалците во постпродукцијата.