Битола, 19-25.09.26

Бесплатни онлајн проекции на филмот „Divia“ по повод Денот на планетата Земја

По повод Денот на планетата Земја (22 април), публиката од регионот ќе има можност бесплатно да го погледне еколошкиот документарен филм „Divia“, во режија на Дмитро Хрешко, автор од Украина. Филмот ќе биде достапен онлајн во периодот од 22 до 29 април преку овој линк.

Проекцијата се одвива во рамки на програмата Ecoscope, иницијатива на фестивалите обединети во Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион: Сараевски филмски фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Фестивал на авторски филм, Загреб филм фестивал и „Браќа Манаки“.

Оваа година, четврта година по ред, Мрежата на фестивали по повод Денот на планетата Земја бесплатно прикажува еколошки документарни филмови за публиката низ целиот регион.

Филмот „Divia“ ја бележи трансформацијата на Украина – од мирна природна убавина до разурнување предизвикано од војната. Со доаѓањето на пролетта, животот постепено се враќа, но размерите на уништувањето укажуваат дека брзо еколошко закрепнување не е извесно.

Филмот беше во конкуренција за наградата Срце на Сараево на минатогодишниот, 31. Сараевски филмски фестивал и беше прикажан во Натпреварувачката програма – документарен филм.

„Divia“ е поетски документарец кој го истражува двојното разурнување од војната – човечкото и еколошкото. Преку сцени од изгорени шуми, уништени полиња и поплавени градови, филмот прикажува пејзажи трансформирани од насилство, но и тивката издржливост на природата и луѓето. Преку перспективата на екологисти и тимови за обнова, го открива бавниот, болен, но решителен процес на закрепнување на кревките екосистеми.

Уништените шуми, поплавените села, спасувачите, волонтерите за спасување животни и самата природа стануваат главни „актери“ на овој филм, кој целосно се потпира на слика и звук, без нарација и дијалог.

Насловот на филмот се повикува на словенската божица на дивата природа, шумите, ловот и месечината, симболизирајќи ја природата, но и отпорот пред војната и смртта.

Проектот е кофинансиран со средства од потпрограмата MEDIA на програмата Креативна Европа.

Овде може да го погледнете трејлерот на филмот.