Битола, 19-25.09.26

Барат и Кларк зборуваа за визуелниот јазик, виртуелната продукција и работата зад камерата

За патот до професијата кинематографер, подготовката на филм, изборот на опрема и создавањето специфичен визуелен свет, денеска во Кино Манаки зборуваа кинематограферите Мустафа Барат, ABC и Рејчел Кларк, BSC, на презентацијата на Сони „In Conversation“, одржана во рамките на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Разговорот го модерираше Себастијан Леске од Сони.

Барат раскажа дека неговиот интерес кон филмот започнал уште во семејството, неговата мајка била филмски работник. Првпат стапнал на филмски сет на 18 години, кога режисерот знаел дека Барат сака да работи зад камерата. Студирал филм и потоа работел како втор асистент на камера.

„Понекогаш треба да учите од можностите што ви се нудат, но и од работата на другите кинематографери“, рече Барат, зборувајќи за искуството што го стекнувал низ различни продукции.

Тој се осврна и на снимањето со Sony VENICE 1, при што продукцијата опфаќала различни временски периоди, од педесеттите години на минатиот век, до денешно време. Според него, голем дел од визуелниот резултат се создава уште пред да започне снимањето.

„Има голема подготовка пред да се снима филм“, истакна Барат, објаснувајќи дека во продукцијата биле користени различни објективи со цел да се постигне специфичен визуелен изглед.

Наместо стремеж кон целосен реализам, идејата била филмот да создаде фантазиски визуелен свет. Во тој процес значајна улога имала и виртуелната продукција.

Продукцијата се одвивала во три студија и вклучувала голем број професионалци и значителни продукциски ресурси. Целиот сет на објективи и камерата биле поставени во големи студиски простори кои овозможувале камерата слободно да се движи.

Кларк, пак, зборуваше за својот пат до кинематографијата и за почетоците во индустријата. Таа студирала фотографија и сакала професионално да се занимава со визуелно раскажување, но на почетокот филмската индустрија за неа била непозната и мистериозна.

„Бев многу срамежлива, а филмската индустрија беше мистерија за мене“, раскажа Кларк, која започнала како почетничка во продукција (runner), пред постепено да се движи кон работата зад камерата.

Како дел од презентацијата, Кларк прикажа и конкретни сцени од филмот „Finding Emily“, објаснувајќи како биле визуелно осмислени и реализирани. Меѓу нив беше и сцената со матурскиот бал, во која настапува бенд.

Зборувајќи за работата на сет, Кларк посочи дека создавањето на совршениот кадар понекогаш бара и физички необични позиции на кинематограферот. Камерата мора да се постави онаму каде што е потребно за да се добие точниот агол, движење и композиција, дури и кога тоа значи самата позиција на операторот да биде непрактична или невообичаена.

Преку конкретните примери од нивните продукции, разговорот отвори увид во процесот зад визуелниот изглед на филмот, од изборот на камера и објективи, преку подготовката и виртуелната продукција, до физичката работа на сет и постојаното барање на вистинскиот кадар.