Битола, 19-25.09.26

ASC разговори: Кинематографијата е уметност, занает и секојдневно откритие

Кинематографијата е многу повеќе од создавање визуелни слики, таа е процес на постојано учење, споделување, патување и раскажување приказни. Ова беше една од пораките на панелот „ASC Talks“, што денеска се одржа во Кино „Манаки“, во рамки на 47. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. На панелот учествуваа членови на Американското здружение на кинематографери (ASC), а модератор беше Суки Меденчевиќ.

За Дејан Ѓорѓевиќ, долгогодишен директор на фотографија, токму луѓето и искуствата што ги носи професијата се една од најголемите привилегии.

„Уживам во запознавањето луѓе, во патувањата. Привилегија е што сум ДОП веќе со децении и што сум патувал на сите континенти. Се чувствувам како џез-музичар. Независно дали екипата е од Америка или од Европа, можеме да ја правиме музиката заедно“, рече Ѓорѓевиќ, додавајќи дека секојдневното запознавање нови луѓе за него претставува ново откритие.

Дан Лаустсен зборуваше за уметничката страна на професијата и за потребата секојдневно да се создава нешто вредно.

„Секој ден треба да правиме парче уметност. Раскажуваме приказни на најдобар начин на кој знаeме. Учам од луѓето околу мене и ги почитувам“, рече Лаустсен.

За Борис Мојсовски, пак, еден од најголемите предизвици е постојаното бранење на кинематографијата како уметничка професија, бидејќи тоа што го прават кинематограферите останува засекогаш. Кинематограферите зборуваа и за една од најголемите теми што ја менуваат филмската индустрија, вештачката интелигенција. Ѓорѓевиќ вели дека не се плаши од развојот на АИ и ја гледа пред сè како алатка, но посочува дека важно прашање е кој ја создава и контролира таа алатка. Лаустсен исто така ја гледа АИ како алатка, но смета дека прашањето на вкусот и авторството останува многу посложено. Според него, со развојот на технологијата доаѓа „големо време за постпродукцијата“.

Мојсовски посочи дека во оваа фаза може да се користат придобивките од АИ, но дека остануваат отворени прашањата поврзани со идната законска регулација и начинот на кој владите ќе се справуваат со неа. Севдије Кастрати Дил ја истакна практичната страна на технологијата, особено за нискобуџетните продукции, каде што употребата на АИ може да биде корисна алатка.

Сепак, Суки Меденчевиќ предупреди дека наративот дека со АИ повеќе нема да има потреба од кинематографери не го зема предвид клучниот елемент на професијата – човечкиот креативен избор.

„АИ компаниите убедуваат дека не е потребен кинематографер, но АИ не може да направи снимка. Ние сме тие што го држат стандардот“, рече Меденчевиќ.

Покрај технологијата и уметноста, панелот го отвори и прашањето за цената што ја носи професијата на приватен план. Кастрати Дил зборуваше за тешкотијата да се воспостави баланс меѓу работата и животот, посебно кога снимањата траат со месеци и подразбираат долги отсуства од домот и семејството. Жан Мари Дружу, пак, посочи дека комуникацијата со семејството знае да биде посебно тешка кога работата го носи на далечни локации, како Кина или Индија.