Битола, 19-25.09.26

„Браќа Манаки“ дел од Muse-X фестивалот во Тирана

Фестивалот на филмска камера ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде дел од Muse-X експо фестивалoт за музика, уметност и култура, кој се одржува од 17 до 19 април во Пирамидата во Тирана.

Станува збор за мултидисциплинарна платформа што обединува уметнички настапи, работилници, конференции и експо-претставувања на уметници, компании и институции од областа на културата, со цел поттикнување нови соработки на регионално и меѓународно ниво.

Во рамките на македонскиот павиљон, организиран од Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана, фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се претстави со свој инфо-деск, преку кој ќе ја доближи својата програма и активности до пошироката публика и професионалната заедница.

Дополнително, фестивалот ќе учествува и во конференциската програма на Muse-X, каде на 18 април ќе се одржи панел-дискусија во рамките на Филмската конференција на тема „After the Festival Applause: Why So Many Careers Die Quietly?“.

На панелот ќе учествува програмскиот координатор на фестивалот, Катерина Габунија, која преку своето искуство во работа со филмски автори ќе понуди релевантни согледувања за предизвиците со кои се соочуваат авторите по фестивалската експозиција, како и за улогата на фестивалите во градењето одржливи филмски кариери.

Со ова учество, ИФФК „Браќа Манаки“ продолжува активно да ја промовира македонската кинематографија и да придонесува кон меѓународната културна размена и соработка.