Во рамките на проектот „Кадар-на“, кој ја истражува родовата нерамноправност во медиумските уметности и филмската индустрија на Западен Балкан, се одржа конференција „Her Frame“ во Битола.
Проектот посебно се фокусира на младите талентирани жени во Србија и Северна Македонија, со цел да ги оснажи за кариера во креативните индустрии и да промовира родова перспектива во филмот и медиумската уметност.
Модераторката Кумјана Новакова, потенцираше дека родовите предизвици се длабоки и сложени.
„Во еден од последните фемициди во Македонија, Росица беше убиена од нејзиниот поранешен партнер. Не расте само бројот на фемициди, туку и нивната бруталност. Социо-економската моќ на жените е екстремно ниска, а нивниот статус далеку е под оној на мажите“, рече Новакова.
Сценаристката Асја Крсмановиќ од БиХ истакна дека жените имаат различни перспективи во споредба со машките колеги.
„Имаме обврска да ги направиме селекциите повеќе родово балансирани. Во 2023 година, само 26 филмови беа направени од жени. Ако немаме баланс овде, нема да го имаме ни во официјалните селекции“, рече Крсмановиќ.
Таа додаде дека воведувањето на награда за родова еднаквост, со финансиска поддршка од 7.000 евра, како и соработката со Уника за поддршка на женските гласови во регионот, се важни чекори кон промена на состојбата.
Режисерката Дина Дума сподели лични искуства.
„Само што го завршив мојот игран филм. Приказната е женска, а колегите ме прашуваа каде се мажите актери во филмот. Без мрежа која се гради, не може да се функционира. За мојот втор филм ангажирав повеќе жени, бидејќи кај нас нема доволно жени во филмските тимови“, рече Дума.
Ивана Шекутковска, продуцентка на филмот „Диџеј Ахмет“, го истакна предизвикот на балансирање меѓу професионалниот и приватниот живот.
„Јас сум мајка на две деца. Не беше лесно работењето како продуцентка во индустрија каде што повеќето продуценти се мажи. Мора да се ризикува и да се бори цело време. Немаше да бидам овде ако не беше мојата мајка“, потенцира Шекутковска.
Рејчел Кларк од Лондон, која долго време работела без финансиска поддршка, кажа дека никој од нејзиното семејство не е во филмската индустрија.
„Школо за филм не беше опција за мене. Работев без пари долго време, немаше жени во почетоците во оваа индустрија. Мислам дека треба да си помагаме, да не се чувствуваме изолирани, да се поддржуваме бидејќи ги водиме истите битки сите ние како жени“, истакна Кларк.
На конференцијата, кинематограферката Лара Виланова од Шпанија подвлече дека колективната работа и солидарноста се клучни.
„Мора да научиме да се слушаме и да се грижиме една за друга. Ова не е мој проект, туку наш – го правиме заедно. Индустријата често ја менува идејата за борбата, но важно е да го споделиме секој момент колективно и да разбереме зошто сме тука и зошто треба да правиме промени“, рече Виланова.
Конференцијата „Her Frame“ ја отвори дебатата за родовата еднаквост и ја нагласи важноста од поддршка, мрежи и конкретни мерки за охрабрување на жените во филмската индустрија.