Битола, 20-26.09.25

Копродукциски форум со Франција во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“

Продолжува соработката во рамки на проектот ,,Копродукција помеѓу Франција и земјите од Западен Балкан”, кој се реализира со поддршка од Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје.

Во таа насока, во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, вчера во Офицерскиот дом во Битола се одржа затворен ко-продукциски форум со Франција, на кој учествуваа филмски автори од регионот и претставници од француската филмска индустрија.

На форумот, кој се реализираше со поддршка на Францускиот културен институт и Француската амбасада, беа пријавени повеќе проекти, а жири-комисијата избра три филмови во развој – As a Warm September на режисерот Властимир Судар, Izlov на црногорскиот режисер Матија Јовановиќ, како и проектот Heva/Desire на продуцентот Алекс Николиќ.

Избраните режисери и продуценти имаа можност за еден-на-еден разговор со тројцата француски продуценти Maxime Afshar, Guillaume Marie Charles и Christophe Postic, со цел да воспостават потенцијални партнерства и да овозможат Франција да се вклучи во копродукција на нивните идни филмови.

Присутни на форумот беа Летиција Кулик, Бранко Чобанов и претставници на Амбасадата на Франција.

Целта на форумот е да создаде мост меѓу регионалните автори и француската филмска индустрија, отворајќи врати за нови копродукциски можности и меѓународна соработка.