Битола, 20-26.09.25

Филмовите од Јадранска мрежа на 46. ИФФК „Браќа Манаки“

На денешната прес конференција на фестивалот „Браќа Манаки“ гостинка беше Габриеле Урбонаите, режисерка на филмот РЕНОВИРАЊЕ, литванско-летонска копродукција. Филмот беше премиерно прикажан во рамките на програмата „Проксима“ на последното издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари. На ИФФК овој филм се прикажува во рамките на гостува во рамки на натпреварувачката програма поддржана од Јадранската мрежа на фестивали, во трка за „Наградата на јадранската публика“.

-Во моментов во Литванија на многу згради им се менува фасадата, но дали може само со промена на фасадата да се изменат остатоците или навиките од минатото, рече Урбонаите.

Подвлече дека е среќна што е во Битола со филмот и била изненадена што филмот е одлично прифатен и на ИФФК „Браќа Манаки“, но и на останатите фестивали каде што бил прикажан.

Покрај за овој филм, гледачите во Битола ќе можат да гласаат за уште четири филма во оваа програма: ВО ИНТЕРЕС НА АДАМ, во режија на Лаура Вендел, МАЛДОРОР, во режија на Фабрис ду Вела, КРИСТИ, во режија на Брендан Канти и ПЕРЛА, во режија на Александра Макарова.

Овие пет филма ќе бидат прикажани во програмите на сите шест фестивали кои се членки на Јадранската мрежа на фестивали – Сараево филм фестивал (Босна и Херцеговина), Филмски фестивал во Херцег Нови (Црна Гора), Љубљански меѓународен филмски фестивал (Словенија), Фестивал на авторски филм (Белград, Србија), Загреб филм фестивал (Хрватска) и ИФФК Браќа Манаки.

Гледачите добиваат ливче за гласање по проекцијата на овие филмови и на крајот на ноември на Фестивалот на авторски филм во Беград ќе биде прогласен победникот.

ИФФК Браќа Манаки е формално член на Јадранската мрежа од минатата година. Мрежата е иницирана од Сараевскиот филмски фестивал.

Покрај филмовите во компетиција за „Наградата на јадранската публика“ на 46. ИФФК Браќа Манаки, Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион го реализира новото издание на ЕКОСКОП , заеднички проект во соработка со фестивалот „Зелена визија“ во Постдам, со прикажување на документрарниот филм МИЈАЗАКИ, ДУХОТ НА ПРИРОДАТА, кој што се фокусира на поврзаноста на добитникот на Оскар, аниматорот Хајао Мијазаки, со природата и еколошките теми изразени преку неговите филмови. Преку иконичните ликови како што се Тоторо и принцезата Мононоке, честопати автобиографските филмови на Мијазаки ги одразуваат неговите загрижености за светот и ги рефлектираат превирањата во дваесеттиот век.