Филмот не е направен за да го видат вашиот прекрасен перформанс како глумци. Не е направен заради прекрасните кадри на кинематограферот, ниту само затоа што режисерот направил добар филм. Публиката доаѓа заради приказната што филмот ја раскажува, порача режисерот Дарко Митревски на својот мастерклас насловен како „Како да не направиш досаден филм“, кој се одржа во киното Манаки.
Говорејќи за основите на филмскиот сторителинг, Митревски посочи дека приказната е суштината околу која се гради секое филмско дело. Според него, раскажувањето приказна не е само вештина што се учи, туку основна човечка потреба.
„Сторителингот не е вештина, туку основна човечка потреба, како јадењето и дишењето. Ако не раскажуваме приказни, целата цивилизација ќе умре“, рече Митревски.
Во време кога вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во креативните индустрии, режисерот се осврна и на прашањето дали човечката приказна ќе го преживее новото технолошко време.
„Ќе го преживееме тој ѕвер наречен АИ oти нам ни требаат човечки приказни, а не АИ. Сторителингот ќе преживее, ние не“, порача тој.
Митревски нагласи дека ниту добрата фотографија, ниту одличното сценарио, ниту совршеното светло немаат вистинска вредност доколку не се во функција на приказната.
„Добрата фотографија, доброто сценарио, доброто светло не вредат ако нема раскажување приказна. Тоа е како да свириш музика за мртов човек. Тој нема да стане затоа што твојата музика е добра“, рече режисерот.
Според него, првиот чекор во создавањето филм е да се пронајде силен концепт, идеја која може да раскаже многу во само една реченица. Потоа доаѓаат ликовите, а во центарот на приказната треба да биде протагонистот.
Тој го спореди пишувањето приказна со архитектурата.
„Кога се восхитуваме на една зграда, не размислуваме за секој поединечен материјал од кој е изградена, туку ја препознаваме како целина, преку нејзината форма, стил и убавина. Истото е и со раскажувањето приказни. Никој не знае како настанала приказната, туку само ѝ се восхитуваат“, рече Митревски.