Битола, 19-25.09.26

Борис Мојсовски на „Браќа Манаки“: Кинематографијата не е само едноставно снимање

„Роден“ со фотоапарат околу вратот, преку фоторепортерството до режијата и кинематографијата – Борис Мојсовски на својот мастерclass „Како моето око ме одведе во кинематографијата“, на „Браќа Манаки“ зборуваше за својот професионален пат, визуелниот јазик и за предизвиците со кои денес се соочува кинематографијата.

Мојсовски раскажа дека кариерата ја започнал како режисер, подоцна станал директор на фотографија (DOP), иако неговата првична желба била да биде писател. Уште од најрана возраст, вели, постојано фотографирал, подоцна работел и како фоторепортер, а всушност сакал да биде писател.

„Бев ‘роден’ со фотоапарат на мојот врат и постојано фотографирав. Најголемиот проблем ми беше што ме прашуваа дали сум режисер, а никој не ме праша дали сум писател“, се пошегува Мојсовски.

Според него, со текот на годините сфатил дека работата на режисерот и на директорот на фотографија имаат многу повеќе заедничко отколку што изгледа на прв поглед. Зборувајќи за работата во телевизијата, Мојсовски посочи дека позицијата на директорот на фотографија носи голема одговорност, но и привилегија да биде еден од носителите на визуелниот изглед на делото. Токму затоа, секој кинематографер, според него, остава сопствена трага преку својот визуелен пристап.

„Ние како кинематографери имаме свој стил на работа и оставаме своја трага. Мојата екипа е тука веќе 20 години“, рече тој, споделувајќи и едно од своите најважни професионални правила: „Тврдо светло не паѓа никогаш на лицето“.

Кога подоцна започнал да режира за телевизија, Мојсовски открил нова перспектива кон процесот на создавање. Како што објасни, режијата носи поинаков фокус и поинаков начин на размислување за визуелното.

„Кога почнав да режирам на телевизија, тоа беше различно ‘станување ѕвер’. Фокусот е поинаков во телевизијата. Сфатив дека е важно дека DOP ги носел визуелите кои тој ги сакал, а јас моите како режисер.“

Осврнувајќи се на состојбата во современата кинематографија, Мојсовски предупреди дека во трката со времето и продукциските рокови, сè почесто се губи просторот за визуално истражување и креативност.

„Живееме во време кога кинематографијата станува нешто што едноставно треба да се сработи. Така е во Америка, а верувам дека е така и во Европа. Но, што да направиме во врска со тоа? Кинематографијата не е само едноставно снимање“, рече Мојсовски, според кој недостатокот на време во продукцијата значи дека многу идеи и визуелни решенија остануваат неискористени.