Битола, 19-25.09.26

ИМАГО мастерклас: Да ја прифатиме технологијата и АИ, но да ја зачуваме креативноста во кинематографијата

Употребата на вештачката интелигенција (АИ) во филмската индустрија беше една од главните теми на мастеркласот на ИМАГО, што се одржа во Кино Манаки. Мустафа Барат, Ела Ван ден Хове, Aдриана Беротеран, Рејчел Кларк и Ник Садлер разговараа за тоа како брзиот технолошки развој влијае врз работата на кинематограферите, нивната креативност и иднината на професијата.

Кинематограферот Садлер, кој активно експериментира со АИ алатки и развива сопствени решенија, зборуваше за својот долгогодишен интерес за технологијата. Тој потсети дека уште во 1990-тите и 2000-тите години, додека работел во Лондон, користел камери на ARRI, нагласувајќи дека технологијата отсекогаш била дел од развојот на кинематографијата. Според него, кинематограферите мора активно да се вклучат во развојот и употребата на новите технологии, бидејќи во спротивно ризикуваат да ја изгубат контролата врз сопствената професија.

„Младите ќе ги земат нашите работни места, ќе научат нови алатки и ќе станат доминантни на пазарот, а нас, бумерите, ќе нè надучат“, рече тој, посочувајќи дека промените се неизбежни и дека професијата мора да се адаптира.

За Беротеран клучно е во процесот на прифаќање на новите алатки да не се изгуби креативноста. Таа истакна дека АИ во нејзиниот случај ѝ помогнала полесно да се изрази и да открива нови начини на работа. Според неа треба да се заштити креативноста.

„АИ може многу да ни помогне, но наша одговорност е како ги користиме овие алатки. Супер е што можеме да заштедиме време, но мора да постои и одговорност за начинот на кој ја користиме АИ“, истакна Беротеран.

Кларк нагласи дека нејзиниот пристап кон технологијата е поинаков. Таа рече дека не е човек кој сака цело време да биде пред компјутер и дека претпочита да чита книга, но токму затоа разговара со луѓе како Sadler, кои се особено заинтересирани за технологијата и можат да ѝ помогнат подобро да ги разбере новите алатки.

„Мислам дека правењето филм не треба да се одвива на компјутер“, рече таа.

Во дискусијата беше отворено и прашањето дали АИ може да ја загрози суштината на кинематографијата. Садлер кажа дека кинематограферите како создавачи на слика, немаат избор и дека доаѓа новата технологија, па „или ќе се качиме на бродот или нема“.

Со поинаква перспектива се надоврза Бојана Андриќ која сподели искуство од учеството на повеќе панели на тема дали АИ ќе ја „убие“ кинематографијата.

„Не се вознемирувајте дека филмот е мртов. Светот е преголем, а ако гледате филмови, ќе видите дека диверзитетот во начинот на кој се прават филмови сè уште постои. Кога снимам филм, ставам креативност па технологија“, рече таа.