Битола, 19-25.09.26

Како се учи и како се предава кинематографијата: Знаењето се гради и преку размена

Како се станува кинематографер, од кого се учи занаетот и колку знаењето стекнато на сет може да се пренесе на следните генерации? Овие прашања беа во фокусот на панел-дискусијата „Разговор за знаењето: Како учиш, како предаваш“, одржана во Кино Манаки, во рамки на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

На панелот учествуваа членовите на Организацијата на кинематографери (United Cinematography Organization), Шарлот Алма-Мишел, Томас Лалие, Мари Мерсие и Иван Родионов, кои споделија различни лични патишта до професијата, но и искуства за тоа како најдобро се учи кинематографијата, во училиште, на сет и преку соработка со колегите.

За Иван Родионов, формалното образование не ги опфатило сите аспекти на професијата.

„Учењето може да биде особено предизвикувачко за фриленсерите. Моето искуство покажа дека голем дел од знаењето доаѓа преку меѓусебната работа и размена. Во мојот клас имаше само петмина студенти, сфативме дека функционираме како тим и дека можеме многу да научиме едни од други“, кажа тој.

Мари Мерсие раскажа дека нејзиниот пат кон кинематографијата започнал на сосема поинакво место, со студии по биологија. Нејзината првична желба била да учествува во научни експедиции и да ги снима. Подоцна започнала да работи на документарни филмови, а денес студира на техничко филмско училиште, каде што особено ја привлекува работата со светло.

„Сè уште студирам, учам многу нешта. Зборуваме многу и учиме и од професорите и од другите студенти“, рече Мерсие, нагласувајќи ја важноста на учењето преку разговор и споделување искуства.

Слично искуство сподели и Шарлот Алма-Мишел, која како дете сакала животни и размислувала да стане ветеринарка. Одлуката да се занимава со филм дошла подоцна, и тоа без претходно знаење за тоа како се создаваат филмови. Токму затоа, нејзиното искуство денес во образованието е поврзано и со начинот на кој наставникот се однесува кон студентите.

„Научив дека од позиција на наставник не треба да ги трауматизираш своите ученици“, истакна таа, правејќи паралела со работата на филмскиот сет.

Томас Лалие, пак, своето знаење го стекнувал по потешкиот пат. Тој не е професор, туку професионалец кој е ангажиран да предава. И самиот бил одбиен при обидот да се запише на филмско училиште во Париз. Почетоците ги минал снимајќи со стари видеокамери, а подоцна постепено навлегувал во работата на филмските сетови и работел и како сет-фотограф.

„За мене тоа беше потешкиот пат“, рече Лалие, потсетувајќи дека во времето кога го започнувал својот професионален пат немало интернет и пристапот до информации бил значително поограничен.

Различните приказни на учесниците покажаа дека не постои само еден пат до професијата кинематографер. Дел од знаењето се стекнува во филмските училишта, дел преку практичната работа, а голем дел преку колегите, асистентите, менторите и самите искуства на сет.