Во организација на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и Europe House Bitola, денеска официјално започна реализацијата на инспиративниот проект „Ловци на светлина: Битола низ мојот објектив“. Оваа иницијатива има за цел да го поврзе пионерскиот и визионерски дух на браќата Манаки со креативниот потенцијал на младите битолчани, користејќи ја фотографијата како моќен медиум за изразување.

Проектот вклучува ученици од Битола, кои преку теоретски и практични активности се запознаваат со основите на визуелното раскажување, како што се кадар, светлина и композиција. Истовремено, младите учесници имаат задача да ги преточат основните европски вредности- солидарноста, заедништвото и богатото културно наследство во уникатни фотографии снимени низ нивниот град.
Во рамките на денешниот настан, познатиот македонски кинематографер Димо Попов одржа стручно предавање пред младите учесници. Тој ги воведе учениците во магијата на добрата фотографија, детално објаснувајќи им што значи процесот на „фаќање“ на светлината, како правилно се избира аголот на снимање и како успешно да се пренесе силна, емотивна или општествена порака преку само еден кадар.
-Суштината на добрата фотографија е фотографија која ќе разбуди некоја емоција. Децата се многу љубопитни и истражуваат. Тие се на возраст на која си го бараат патот, бараат професија која ќе ги исполнува. Фотографијата и кинематографијата е огромна област, но за почеток мислам дека ова беше симпатично предавање прилагодено за нивната возраст за потоа да проценат што сакаат да бидат во животот. Тоа е и суштината, нека истражуваат сега, па потоа ако се посветат на фотографијата, со среќа, рече Попов.

Учениците добија теми како: „Што би снимиле браќата Манаки денес?“,„Светлината на моето маало“ и „Скриеното културно наследство на Битола“ и имаат точно 24 часа да одговорат на предизвикот, да ги истражат градските улици и да ја испратат својата најдобра фотографија во висока дигитална резолуција.
По завршувањето на рокот за испраќање, сите пристигнати фотографии ќе бидат развиени во квалитетен галериски формат, а големата изложба ќе биде отворена на 20 септември во престижниот амбиент на Офицерскиот дом во Битола, како дел од официјалната програма на фестивалската недела на 47. ИФФК „Браќа Манаки“.
Изложбата ќе има натпреварувачки и интерактивен карактер. Покрај фотографиите ќе биде поставена кутија за гласање, каде секој посетител ќе може да даде поддршка за својот фаворит. Гласањето на публиката ќе трае до 23 септември, а следиот ден (24 септември) свечено ќе биде доделена „Наградата од публиката“, како и стручното признание „Награда за најдобра фотографија (Grand Prix Манаки)“ за најдобра композиција.
Најдобрите млади автори ќе бидат наградени со вредни награди обезбедени од Europe House, официјални фестивалски материјали и ексклузивни билети за Свечената церемонија на затворање на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на 25 септември.