Manaki Brothers

ШЕЈМУС МЕКГАРВИ /SEAMUS MCGARVEY
ЛАУРЕАТ НА СПЕЦИЈАЛНАТА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ПОСЕБЕН ПРИДОНЕС
ВО ФИЛМСКАТА УМЕТНОСТ НА 44. ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМСКА КАМЕРА „БРАЌА МАНАКИ“

Seamus-McGarvey-Photo-by-Dale-Robinette-01

Тешко би било да се направи список со најдобрите британски филмови последниве дваесетина години, а на тој список да нема барем три филмови кои визуелно ги обликувал Шеjмус Мекгарви. Во сеќавањата на гледачите долго остануваат прекрасните секвенци создадени од спектакуларното танцување на камерата во филмската верзија на класичното дело на Лав Толстој „Ана Каренина“, од деликатната употреба на камерата за да се постигне визуелната поезија во „Покајание “ и „Треба да зборуваме за Кевин“, од раскошното богатство со остри бои стилизирани во „Ноќни животни“, од маестралното синхронизирање на три меланхолични епохи во „Часови“. Сето тоа благодарение на брилијантната кинематограферската умешност на Шеjмус Мекгарви – добитникот на Специјалната Златна Камера 300 на 44-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Шеjмус Мекгарви е роден на 29 јуни 1967 г. во Армах, мал град во Северна Ирска, блиску до границата со Република Ирска. Со фотографијата почнал да се занимава на 12-годишна возраст, додека се шетал низ родниот град, кој во тоа време е несигурно место за живеење поради долготрајниот конфликт меѓу Унионистите и Републиканците во С. Ирска. Неговите фотографии од тој период не го документираат насилството, туку пејзажите и мирните места на Армах.

По запишувањето на филмска школа во Универзитетот Вестминстер во Лондон има среќа да го запознае Џек Кардиф (кинематографер на некои од најпознатите филмови на Пауел и Пресбургер, Џон Хјустон и Алфред Хичкок), кој го менторира и го инспирира кон уметнички пристап во снимањето.

Првите филмови на кои работи по дипломирањето во 1988 г. се кратки и документарни, а меѓу нив се и неколку со Џо Рајт и Сем Тејлор-Џонсон, режисери со кои ќе соработува и подоцна на долгометражни филмови. Првиот долгометражен филм „Бакнежот на пеперутката“ /BUTTERFLY KISS, во режија на Мајкл Винтерботом, го снима во 1994 г., а премиерно е прикажан на Берлинскиот фестивал во 1995 г.

Во 2004 г. е награден со Лимиер медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува Кралското фотографско друштво (Royal Photographic Society), награда која пред него ја добиле уште неколку славни кинематографери, меѓу кои и Џек Кардиф, Фреди Френсис и Роџер Дикинс.

Два пати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ /ATONEMENT (2007) во режија на Џо Рајт, и за „Ана Каренина“ /ANNA KARENINA (2012) повторно со Џо Рајт. Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (B.S.C.) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ /NOCTURNAL ANIMALS (режија Том Форд), како и номинација за „Покајание“.

„Покајание“ е, секако, едно од најшармантните дела на поновата британска кинематографија, не само поради извонредната приказна и фантастичните актери, туку, пред се’, токму поради прекрасната визуелизација остварена од креативниот тим предводен од Шеjмус Мекгарви, со која маестрално се истакнува грациозноста и деликатноста на англиската аристократија на почетокот на минатиот век. Една од незаборавните сцени во овој филм, кога малата Брајони (Сирша Ронан) низ отворен прозорец гледа кон сестрата Сесилија (Кира Најтли) и одеднаш го затвора прозорецот со силно замавнување, при што рефлексијата од нејзиното лице се појавува на прозорецот е технички комплицирано да се постигне, но е еден од многуте совршени моменти во филмот и пример за генијален резултат кога ќе се спојат врвна вештина и уметност.

Меѓу филмовите кои на Шејмус Мекгарви му донесоа номинации за престижни кинематограферски награди во САД, Британија и Ирска се и „Часови“ /THE HOURS (2004, режија Стивен Далдри), „Сахара“ /SAHARA (2005, режија: Брек Ајзнер), „Треба да зборуваме за Кевин“ /WE NEED TO TALK ABOUT KEVIN (2010, режија Лин Ремзи).

Во психолошката драма „Треба да зборуваме за Кевин“, режисерката Ремзи преку фрагментирани сеќавања на главниот лик (извонредно толкувана од Тилда Свинтон) и преку ониричното визуелизирање на Мекгарви, создадоа едно од најзначајните дела на современата кинематографија, истовремено и вознемирувачки и алармантни за начинот на кој мрачните семејните драми може да се пресликаат во општествени трагедии. Со „безмилосна“ монтажа, но и со „нежна“ фотографија, филмот не’ префрла во различни периоди од животот на главните ликови, без речиси никаков редослед, приближувајќи ни ја состојбата во која се наоѓа умот на мајката, која се наоѓа на работ на нервен слом поради психопатските однесувања на синот.

Меѓу педесетината филмови зад кои стои кинематограферскиот ракопис на Мекгарви, се и „Зимски гостин“ /THE WINTER GUEST (1997, режија: Алан Рикман), „Воена зона“ /THE WAR ZONE (1999, режија: Тим Рот), „Висока верност“ /HIGH FIDELITY (2000, режија: Стивен Фрирс), „Светски трговски центар“ /WORLD TRADE CENTER (2006, режија: Оливер Стон), „Одмазници“ / THE AVENGERS (2012, режија: Џос Ведон), „Педесет нијанси на сивото“ /FIFTY SHADES OF GREY (2014, режија: Сем Тејлор-Џонсон), „Годзила“ /GODZILLA (2014, режија: Гарет Едвардс), „Живот“ /LIFE (2017, режија: Даниел Еспиноза), „Величенствениот шоумен“ /THE GREATEST SHOWMAN (2018, режија: Мајкл Грејси. Неговиот најнов филм „Вонка“ /WONKA (2023, режија:Пол Кинг) е најавен за премиерно прикажување во декември 2023 г.

Кинематографер е на пилот-епизодата од серијата на Би-Би-Си и Ејч-Би-О „Женска детективска агенција бр.1“ /THE NO. 1 LADIES DETECTIVE AGENCY во режија на Ентони Мингела, како и на епизодата „Драстичен пад“ /NOSEDIVE на дистописката серија „Црно огледало“ /BLACK MIRROR во режија на Џо Рајт, за што е номиниран и за телевизиската награда ЕМИ/Emmy во 2017 година.

Слаѓан Пенев

Scroll to Top