ЛАБИНА МИТЕВСКА
„ГОЛЕМА ЅВЕЗДА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ”
Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” со која оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, годинава ѝ ја доделува на актерката и продуцентка Лабина Митевска.
Од малечката Замира, дебитантската филмска улога со која го маѓепса големото платно во филмот „Пред дождот” (1994), до денес, Лабина Митевска оствари триесетина улоги и потпиша многубројни филмови како продуцент, со што несомнено си обезбеди место меѓу големите ѕвезди на македонскиот филм.
Нејзиниот актерски потенцијал, како и продуцентска умешност, бргу беше препознаен и во европската филмска индустрија, па соработуваше и со Сајмон Пери, Мајкл Винтерботом, Кристи Пиуи, Пјер Жалица, а со својата продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски” ги продуцира сите филмови на Теона Митевска, во кои одигра и главни и споредни улоги.
Со своите остварувања како актер, продуцент и копродуцент учествува на најпрестижните светски филмски случувања, меѓу кои Берлин, Венеција, Кан, Торонто. Во 1998 година ја добива наградата „Shooting star“ во Берлин. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија” (2019) ја освојува престижната европска награда „Лукс”, која беше доделена во европскиот законодавен дом во Стразбур. Филмот беше карактеризиран како особено значаен во феминистичката борба за местото на жената во општеството.
Митевска шест години беше на чело на ИФФК „Браќа Манаки”, од 2009 до 2015 година, каде што максимално го вложи својот европски углед за унапредување на фестивалот, кој во тоа време беше домаќин на славни актерски имиња и директори на фотографија, како Жилиет Бинош, Изабел Ипер, Вилмош Жигмонд, Мики Манојловиќ и многу други.
Лабина е родена 1975 година во Скопје, Македонија. Основно и средно училиште завршува во Скопје, по што студира на Факултетот за уметност и археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Европскиот колеџ за филмови во Данска, како и на Универзитетот за историја на уметноста во Аризона, САД.
„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмските работници на Македонија воведена во 2013 година, а традиционално се доделува во рамки на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Досегашни добитници на ова највисоко признание од областа на филмот се: Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов, Северџан Бајрам и Горјан Тозија.