Manaki Brothers

ПИТЕР БИЖУ /PETER BIZIOU
ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТЕН ОПУС
НА 44. ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМСКА КАМЕРА „БРАЌА МАНАКИ“:

peter-biziou7

Питер Бижу е роден на 8 август 1944 година во Бангор/Bangor, Кернарвошир/Caernarvoshire, во Велс/Wells, Обединето Кралство /UK.

Во градењето на неговата личност и, пред се’, како иден професионалец кинематографер, клучна улога има неговиот татко Леон Бижу/Leon Bijou (видлива е разликата на презимињата, Питер го има Biziou, а татко му Bijou и оттука веројатно произлегува и изговорот на презимето, Бижу).

Растејќи под грижата на својот самохран татко, кој бил кинематографер со специјалност во анимираниот филм, како што обично бидува – крушката под круша паѓа, па така и Питер зачекорува во светот на филмот, следејќи го татко му, од кого учел многу додека го придружувал во неговата работа. Базата за идното насочување ја добил како ученик во Лондон, во Paddington Secondary Technical School, а во натамошното барање на својот иден пат значајно искуство добива со ангажманот во студијата на компанијата во Soho Wardour Street во Лондон, каде се покажал како способен за разни студиски потреби. За неговото усовршување како иден самостоен снимател-кинематографер, најмногу му помогнал ангажманот во подготовките и осветлувањето на сетовите за снимање рекламни спотови и кратки филмови.

Во професионалниот растеж голем удел има и работата со поискусни филмаџии, меѓу кои е и режисерот Роберт Фриман /Robert Freeman, кој во 1969 година, заедно со корежисерот Пол Фејдер /Paul Feyder го ангажираат дебитантот Бижу како кинематографер во филмот „Таен свет“ /Secret World (La Promesse), што е негово професионално крштевање. Во „Таен свет“ главната улога ја толкува тогашното актерско откритие на идната филмска sвезда Жаклин Бисе /Jacqueline Bisset.

Својот растеж и професионален престиж во светски рамки Бижу ќе го има градејќи тандемско партнерство со водечкиот англиски сценарист и режисер Алан Паркер /Alan Parker, со кого се закити со својот прв и единствен Оскар во 1988 година, за американската драма од расистичкиот југ „Мисисипи гори“ /Mississippi Burning, со актерскиот тандем Џин Хекман /Jene Hackman и Вилијам Дефо /Willem Dafoe, како двајца инспектори испратени од ФБИ во 1964 година, да ги истражат мистериозните убиства на тројца локални борци за човекови права. Како што сугерира самиот наслов на филмот, тогаш е распламтен силен расистички оган во кој главната улога ја имаат расистичките фанатици од ККК, кои во името на белата христијанска кауза и доминација, со нескриените мотиви на омраза кон црнечкото население вршат терор и убиства врз секој што ќе им се спротивстави. Таквата расистичка ККК-клановска атмосфера, Бижу ефектно ја слика и фактички неговиот Оскар заслужено е одраз на мајсторството со кое визуелно ескалира драмата, како што симболично се потенцира, во годината кога Америка била во војна со самата себе!

Тандемската соработка на Бижу со Паркер е втемелена и во претходното антологиско дело од 1982 година, „Пинк Флојд: Sидот“ /Pink Floyd: The Wall, портрет за една од најголемите рок-групи со автентичен музички и идеен стил, со фокус на суштински незаборавната и мотивски-параболична мелодија: „Уште една тула во sидот“ /Another Brick In The Wall. Музичко-визуелната симбиоза доаѓа до полн креативен климакс токму во креацијата на Бижу. Сепак, назнаките на идното тандемско соработување меѓу Бижу и Паркер започнаа во 1976 година со филмот „Багзи Мелоун“ /Bugsy Malone, кога беше лансирана уште една талентирана идна актерска sвезда, Џоди Фостер /Jodie Foster.

Едно од позначајните интернационални промовирања на Бижу се случи на фестивалот во Кан во 1984 година, кога за визуелната креација како кинематографер во филмот „Друга земја“ /Another Country на режисерот Марек Каниевска /Marek Kanievska ја доби наградата за најдобар уметнички дострел.

Во врвот на кинематограферската кариера на Бижу, со сета своја визуелна оригиналност, драматичност и креативност, зрачи антологискиот филм „Во името на таткото“ /In the name of the father, снимен во 1993 година, на сценаристот и режисер Џим Шеридан /Jim Sheridan, Ирецот од Република Ирска (кој во 2019, на јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола беше наш угледен гостин како претставник на ЕФА /Европската Филмска Академија). Овој филм е еден од повеќето кои се занимаваат со синдромот на ИРА. Во главната улога настапува големото актерско име Даниел Деј Луис /Daniel Day Lewis, во ликот на погрешно обвинет Ирец, кој е затворен и суден заедно со неговиот татко за терористички настан што се случил во Лондон, за кој тие не се виновни, а Ема Томпсон /Emma Thompson ја толкува улогата на нивен адвокат. „Во името на таткото“ имаше седум номинации за Оскар, меѓу кои и за Шеридан и за Бижу, но тие, сепак, останаа без заслужените златни статуетки.

Во плодната кариера на Бижу, специфична и визуелно разиграна е соработката со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група „Монти Пајтон“ /Monty Python. Во 1979 година Бижу со нив го креира „Животот на Брајан“ /The Life of Brian, бурлескна комедија/пародија за животот на Исус од Назарет.

Од соработката со Пајтоновците во 1981 година се раѓа визуелно поефектниот и жанровски поразиграниот филм „Временски бандити“ /Time Bandits, во режија на Тери Гилијам /Terry Gilliam, кој заедно со Мајкл Палин /Michael Palin е косценарист. Во кастингот, покрај другите Пајтоновци, се појавуваат и Шон Конери /Sean Connery и Шели Дувал /Shelley Duvall. Благодарејќи на најголемиот анфан терибл во Пајтоновската група, сценаристот и режисер Гилијам, експертот за посебни ефекти и анимација, единствениот Американец меѓу откачените Англичани, Бижу можел да најде одраз во изразот и градењето на фантастичното патување низ времето и просторот, што е секако најподатливо за опуштање и поголема слобода на еден кинематографер.

Во 1988 година, кога го освојува Оскарот за „Мисисисипи гори“, Бижу го создава филмот „Поделениот свет“ /The World Apart, на кој како кинематографер соработува со двократниот Оскаровец, Крис Менџис /Chris Menges, кинематографер и режисер (истотака, наш лауреат на Златна камера 300 за животен опус). За Бижу секако големо признание било што токму искусниот Менџис го ангажирал во создавањето на драмата од тогаш расистичкo/апартхејдовското поднебје на Јужна Африка.

Десет години подоцна, во 1998 година, со Австралиецот Питер Вир /Peter Veir, Бижу го создава „Трумановото шоу“ /The Truman Show со Џим Кери /Jim Carrey. Драмската комедија, специфична по содржината на reality show за неговиот живот, на Бижу му дава нова креативна слобода токму во сензацијата на лансирање на нечиј приватен живот во општиот комерцијален–визуелен ТВ пренос!

Бижу соработувал со уште еден наш лауреат, истакнатиот англиски актер Чарлс Денс /Charles Dance, добитник на Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност во 2004 година, кога Денс како режисер го потпишува филмот „Дами во лаванда“ /Ladies in lavender со двете големи актерски дами на англиското глумиште, ветеранките Џуди Денч /Judi Dench и Меги Смит /Maggie Smith.

Со режисерот Ејдријан Лин /Adrian Lyne, Бижу во два наврата учествува во креирањето на два комерцијално ефектни филма со познати актерски имиња: во 1986 година, еротски атрактивниот „9.5 недели“ /9&1/2 Weeks, во кој сексепилноста на Kим Бејсинџер /Kim Basinger доаѓа до полни зраз, со Мики Рурк /Mickey Rourke како нејзин партнер, и во 2002 година во „Неверните“ /Unfaithful во кој игра подеднакво привлечниот актерски тандем Ричард Гир /Richard Gere и Дајен Лејн /Diane Lane.

Бижу соработува со уште едно оскаровско режисерско име – тоа е Роланд Џофи /Roland Joffe, со кого во 1992 година го креираат филмот „Град на радост“ /City of Joy. Со Том Стопард /Tom Stoppard, прославениот театарски автор и филмски сценарист, но овој пат како режисер, Бижу во 1990 година ја потпишува визуелизацијата на неговиот изворен театарски проект „Розенкранц и Гилдерстерн се мртви“ /Rosencrantz & Guildenstern are Dead.

Меѓу филмовите кои секако треба да се истакнат во опусот на Бижу се и „Штета“ /Damage, што во 1992 година го потпиша францускиот водечки режисер Луј Мал /Louis Malle, со актерскиот тандем на „забранети” љубовници: Џереми Ајронс /Jeremy Irons и Жулиет Биноше /Juliette Binoche и филмот „Ричард Трети“ /Richard lll (1995), во режија на Ричард Лонкрејн /Richard Loncraine , со актерот Ијан Мекелен /Ian Mckellen во улогата на шекспировиот злогласен „Ричард Трети“, но во верзија на фашистички диктатор, кој и’ се заканува на Англија од времето на 1930-та, како ехо/одраз од германскиот фашизам и подоцнежната Втора светска војна.

Покрај Оскарот, богатиот опус на Питер Бижу го красат и БАФТА/BAFTA наградата во 1990 година, БСЦ/BSC во 1989 година, како и Наградата за животно дело на БСЦ во 2019 година.

Станувањето на Питер Бижу нов член во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“е конечно остварување на дамнешната желба да го наградиме со заслужената Златна камера 300 за животен опус и да се радуваме на нашата средба со него во Битола и на неговиот лауреатски мастерклас.

Благоја Куновски-Доре

Scroll to Top