Manaki Brothers

ЖИРИЈА

Жири Официјална селекција „Камера 300“

Џон СИЛ, AM, ACS, ASC
Претседател

Џон Сил е австралијански кинематографер, добитник на наградите Оскар и БАФТА за „Англискиот пациент“ (1996), кој е познат и по кинематограферската работа на филмовите: „Дождовниот човек“ (1988), „Друштвото на мртви поети“ (1989), „Фирмата“ (1993) „Американскиот претседател“ (1995), „Талентираниот господин Рипли“ (1999), „Хари Потер и Каменот на мудроста“ (2001), „Туристот“ (2010), актуелен по соработките со Џорџ Милер на филмовите: „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (2015) и „Три илјади години копнеж“ (2022), со бројни достигнувања во кинематограферската дејност.

Ањес Годар, AFC

Ањес Годар е повеќекратно наградувана француска кинематограферка, која ја започнува кариерата како асистентка на камера на „Париз,Тексас“ (1984) и „Небото над Берлин“ (1987). Долгогодишна соработничка е со режисерката Клер Дени, како кинематограферка на филмовите „Не можам да спијам“ (1994), „Нанет и Бони“ (1996), „Убава работа“ (1999), „Проблеми секој ден“ (2001), „Натрапникот“ (2004), „Нека влезе сонцето“ (2017), со бројни меѓународни признанија.

Џевахир Шахин, GYD

Џевахир Шахин е турски кинематографер, чест соработник со Куршат Уресин, со кого се добитници на „Златната Камера 300“ за филмот „За сувите треви“ (2023). Вниманието на турската критика го привлекуваат со „Студот на Каландар“ (2015), кој се закитува со национални и меѓународни признанија, вклучувајќи ги и наградите за најдобра кинематограферска работа на фестивалите во Истанбул и Анталија и на Asia Pacific Screen наградите, а препознаени се и по кинематограферската работа и на филмовите „Аманет“ (2016) и „Живот“ (2023).

Биргит Гудјонсдотир

Биргит Гудјонсдотир е исландска кинематограферка, која била составен дел од секторот камера на филмовите „Тројцата мускетари“ (1993), „Збогум Ленин!“ (2003), „Јарго“ (2004), „Борновата надмоќ“ (2004) и „Еон флукс“ (2005). Кинематограферка е на филмот „Чудна риба“ (2004) и има огромен број на достигнувања во германската филмска и телевизиска продукција.

Владимир Блажевски

Владимир Блажевски е македонски режисер и сценарист, кој ги има режирано филмовите „Хај-Фај“ (1987), добитник на Златна арена за режија на Филмскиот фестивал во Пула, „Булеварот на револуцијата“ (1992), „Панкот не е мртов“ (2011) добитник на наградата за најдобар филм во селекцијата „Источно од западот“ на филмскиот фестивал во Карлови Вари и на наградата на публиката на фестивалот во Софија, и „Годината на мајмунот“ (2018). Сценарист е на филмовите: „Џипси меџик“ (1997) и „Големата вода“ (2004).

Жири Европска Lo-Cap програма
и Документарна програма

Куршат Уресин, GYD
Претседател

Куршат Уресин е турски кинематографер, чест соработник со Џевахир Шахин, GYD, со кого се добитници на „Златната Камера 300“ за филмот „За сувите треви“ (2023). Вниманието на турската критика го привлекуваат со „Студот на Каландар“ (2015), кој се закитува со национални и меѓународни признанија, вклучувајќи ги и наградите за најдобра кинематограферска работа на фестивалот во Истанбул и на Asia Pacific Screen наградите, а препознаени се и по кинематограферската работа и на филмовите „Аманет“ (2016) и „Живот“ (2023).

Јани Петери Паси, FSC

Јани Петери Паси е фински кинематографер, сценарист и режисер, двоен добитник на „Златна камера 300“ за најдобра кинематограферската работа на филмовите „Купе број 6“ (2021) и „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ (2016). Кинематографер е на „Еднаш сонував за живот“ (2014), режисер на документарните филмови „Панкерскиот синдром“ (2012), награден на „Саут бај Саутвест“ и „Панкерското патешествие“ (2017), а има работено на ТВ-сериите „Чернобил“ (2019) и „Естонија“ (2023).

Нурија Ролдос, AEC

Нурија Ролдос е шпанска кинематограферка, која ја започнува нејзината кариера во секторот камера во 80-тите години и станува првата кинематограферка на долгометражен филм во Шпанија во 90-тите години на минатиот век. Препознаена е по кинематограферската работа на филмовите: „Див пат“ (2023), „Живеј двапати, сакај еднаш“ (2019), „Илјада работи што би ги направил за тебе“ (2017) и „Силеџиство“ (2009). Ролдос работела и на бројни документарни филмови и ТВ-серии. Таа е претседателка на шпанското Здружение на кинематографер(к)и.

Жири Кратка и Студентска програма

Ненси Шрајбер, ASC
Претседател

Ненси Шрајбер е американска кинематограферка, со над педесетгодишна филмска кариера, чијашто кинематограферска работа на филмот „Ноември“ (2004) беше наградена на „Санденс“, а позната е по работата на филмовите „Книгата на сенки: Вештерката од Блер 2“ (2000) и „Деветките“ (2007). Исто така има работено на документарни филмови за: Линда Ронштад, Роберт Мeплторп, Мерлин Монро и Вуди Ален.

Уна Менгес, BSC

Уна Менгес е британска кинематограферка со над триесетгодишна филмска кариера, која има работено во секторот камера ширум светот, работејќи како прва асистентка на камера на „Валкани убави нешта“ (2002) и „Добриот крадец“ (2002) и како кинематограферка на „Домаќинот“ (2020) и „Лола“ (2022).

Ѓорѓи Клинчаров

Ѓорѓи Клинчаров е македонски оператор на камера и кинематографер, кој има работено на бројни кратки и долги филмови, препознаен по кинематограферската работа на: „Дом“ (2016) „Касапот“ (2020) „Скопски љубовџии“ и „Опера“ од омнибусот „Скопје ремикс“ (2012), „Стела“ (2020), „Еден тон сладолед“ (2022) и „Време на бетон“ (2024). Добитник е на специјалната награда за кинематограферската работа на краткиот филм „Еден“ од MOS FILM.

Scroll to Top