Ненси Шрајбер, ASC, е добитничка на наградата „Трејлблејзер“, како пионерка во кинематограферската професија, на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ со особена чест ви ја претставува наградата „Трејлблејзер“, за пионерски достигнувања во кинематограферската дејност, престижно признание коешто го слави трудот на поединци кои не само што се имаат истакнато во својата професија, туку исто така имаат трасирано нови патишта и отворено врати за идните генерации што ќе се занимаваат со филмската уметност. Со задоволство ви го претставуваме првиот добитник на оваа награда, госпоѓата Ненси Шрајбер, од американското Здружение на кинематографери (ASC).
Во текот на нејзината повеќедецениска филмска кариера, Ненси Шрајбер постојано ја докажува страста и пожртвуваноста во создавањето на филмските кадри. Со помош на своето проникливо око за воочување детали, огромно разбирање за раскажување приказни на визуелен начин и непоколеблива посветеност на својот занает, Шрајбер придонесе за збогатување на ризницата на филмската уметност со незаборавни и впечатливи проекти, особено во доменот на независниот филм. Факт е дека нејзината трудољубива ангажираност ѝ донесе бројни признанија, но таа ја презеде и улогата на жена иноватор во професија во која вообичаено доминираат мажи, карактеристика која ја издвојува од останатите.
Ненси Шрајбер е родена на 27 јуни 1949 година во Детроит, Мичиген. Дипломира на Универзитетот во Мичеген со двојна диплома, по психологија и историја на уметност. Во 90-тите години на минатиот век беше професорка на Американскиот филмски институт. Добитничка е на престижната награда за најдобар кинематографер во категоријата за играни филмови на фестивалот „Санденс“ за филмот „Ноември“/November (2004), но работи и на документарните филмови за Линда Ронштад, Роберт Мeјплторп, Мерлин Монро, Вуди Ален, документарниот серијал „Изгубениот рај“/Paradise Lost, како и популарните ТВ-серии „П-Вели“/P-Valley и „Подобри нешта“/Better Things. Членка е на американското Здружение на кинематографери од 1995 година и на Академијата за филмски уметности и науки.
Како една од првите жени што станале членки на престижното американско Здружение на кинематографери, Шрајбер стана движечка сила која го предизвикуваше самиот статус кво, со заложби за поголема инклузивност во индустријата. Нејзиниот успех не само што го отвори патот за безброј други кинематограферки, туку стана инспирација и за една цела генерација филмаџии да посегнат по своите соништа со самодоверба и одлучност.
Наградата ќе ѝ биде врачена на Ненси Шрајбер на свеченото затворање на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи на 27 септември во Битола.