Учиме од најдобрите: Запознајте ги менторките во проектот „Кадар-на“ (Her Frame)

„Кадар-на“ е регионален проект кој ги оснажува младите уметници и режисерки од Западен Балкан преку знаење, поддршка и инспирација од врвни експертки во филмската индустрија. Преку низа внимателно осмислени работилници, учесничките во проектот „Кадар-на“ ќе имаат можност да учат од искусни и докажани менторки и да ги направат првите чекори кон кариера во медиумската уметност и филмската индустрија. Отворениот повик е наменет за млади уметници и режисерки, а повеќе околу процесот на аплицирање може дознаете на линкот.
Менторската програма спојува истакнати жени од регионот: Дина Дума, наградувана режисерка на првиот македонски филм достапен на „Нетфликс“; Бојана Андриќ, потпретседателка на САС и ИМАГО (Меѓународната федерација на кинематографери); Сања Поштиќ, наградувана дигитална дизајнерка и добитничка на големата награда „Ју- екс гејт“ (UX GATE) во Јужна Кореја; и Драгана Тешиќ, поранешна долгогодишна регионална директорка на „Сони пикчрс“ (Sony Pictures Entertainment). Секоја од нив носи уникатно искуство и познавања, нудејќи им на учесничките практични вештини и увид во вистинските предизвици на индустријата.
Запознајте ги менторките
Дина Дума е наградувана филмска режисерка од Северна Македонија, живее во Скопје. Нејзиниот дебитантски игран филм „Сестри“ беше премиерно прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари во 2021 година, каде што ја освои Специјалната награда на жирито. Филмот ја претставуваше Северна Македонија на Оскарите во 2022 година и стана првиот македонски филм достапен на Нетфликс. Дума моментално работи на својот втор игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, осмислен како дел од Програмата со престој во Кан. Во мај 2025 година, таа стана член на Европската филмска академија.
Бојана Андриќ е призната кинематограферка, специјализирана и за играни и за документарни филмови, но и за ТВ серии. Своето деби на големото платно го остварила со „Мали Будо“, а нејзиното портфолио содржи филмови како „Есента на самураите“, „Режи“, „Траг на дивечот“ и „Мамино сонце“. Моментално работи на неколку проекти во кои се во постпродукција, меѓу кои „Следи ме“, „Излет“ и „Спортско срце“, а во подготовка е и филмот „Пепел во боја“. Во телевизиската продукција, работела како кинематограферка на серии од типот на „Андрија и Анѓелка“, „Убијците на татко ми“ и „Во клинч“. Нејзината работа на документарната серија „Подобри сме заедно“ ѝ донесе награда за најдобра камера, а особено се истакнуваат нејзините филмови „Слем“ и „Сонувачи“. Бојана е потпретседателка на Српската асоцијација на кинематографери (САК), членка на Управниот одбор и ко-потпретседателка на Меѓународната федерација на кинематографери ИМАГО, каде што го води Комитетот за родова еднаквост и е дел од Техничкиот комитет.
Сања Поштиќ магистрирала дигитален дизајн и дизајн на интерфејси, со над 15 години искуство во пишување сценарија за кратки анимирани филмови и филмска продукција. Нејзиното долгогодишно искуство вклучува 2Д/3Д/анимација на табла, „Ју-екс“ (UX) дизајн, мапирање на визуелна содржина и 3Д предвизуелизација. Ја освоила главната награда на „Ју-екс гејт“ (UX GATE) 2009 во Јужна Кореја, а во текот на нејзината кариера живеела и работела во Србија, Јужна Кореја, Јужна Африка, Тајланд и Кина. Нејзините дела биле изложувани во Јужна Кореја, Јужна Африка, Јапонија и Србија, со што се етаблирала како призната експертка во глобалните креативни индустрии.
Драгана Тешиќ е експертка со долгогодишно искуство во културата, уметноста, филмската продукција и дистрибуција, како и стратешката комуникација во маркетингот и медиумите. Дипломирала на Академијата на уметности во Белград, специјализирајќи менаџмент во културата и уметноста. Кариерата ја започнала во Народниот театар во Белград, каде што работела како организаторка на бројни претстави, копродукции и фестивали. Подоцна фокусот го насочува врз филмската индустрија, играјќи клучни улоги во ПР-от, маркетингот, продукцијата и дистрибуцијата на домашни и меѓународни филмови. Некои од нејзините најпознати проекти се филмовите „Зона Замфирова“, „Грабежот на третиот рајх“, „Слотер Ник за претседател“ и „Небесна тема – Влада Дивљан“. Десет години била извршна директорка на регионалната дистрибуциска куќа „Кон филм“ (Con Film), надлежна за преставништвото на „Сони пикчрс ентертејнмент“ (Sony Pictures Entertainment) за балканскиот регион, во соработка со кината Синеплекс. Активно соработува со домашни и меѓународни фестивали, амбасади и компании, придонесувајќи за промоција на филмската индустрија како значаен сегмент од културното наследство. Работела и во првата демократска влада на Република Србија во кабинетот на премиерот д-р Зоран Ѓинѓиќ. Членка е на Групацијата за креативни индустрии / Комитетот за филм при Стопанската комора на Србија и членка на комисиите во Филмскиот центар на Србија.