Семих Капланоглу добитник на Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност

Добитникот на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, Семих Капланоглу е годинешен лауреат на Специјалната камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Капланоглу е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија, кој има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет.
Дебитираше во 2001 година со „Далеку од дома“, за кој ја добива наградата за најдобар режисер на Сингапурскиот филмски фестивал. Во 2005 година, неговиот втор игран филм „Падот на ангелот“, имаше светска премиера на Берлинале Форум и доби награда за најдобар филм во Нант, а неговиот трет игран филм „Јајце“, кој премиерно беше прикажан во 2007 година на Канскиот филмски фестивал доби 30 награди. Овој филм беше првиот дел од „Трилогијата Јусуф“ што го направи Семих Капланоглу светски познат како режисер. Во 2008 година, филмот „Млеко“ премиерно беше прикажан во официјалната конкуренција на Венецискиот филмски фестивал, а потоа и на низа други фестивали ширум светот и му донесе повеќе меѓународни награди, вклучувајќи ја и наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Истанбул. За „Мед“, третиот дел од „Трилогијата Јусуф“, добива „Златна мечка“ на 60, издание на фестивалот во Берлин.
Неговите филмови се карактеризираат со метафизички теми и препознатливо авторство во кинематографијата.
-Пред да почнам да снимам филмови, бев посветен на поезијата, па поезијата беше тaа што ме обучи. Kако што знаете, во поезијата со малку зборови се искажуваат многу работи. Тaа е таква дисциплина, и затоа мислам дека и тоа има свое влијание во оваа моја перцепција, во ова мое дејствување, ќе рече Капланоглу во интервју направено во 2017 година, за време на престојот во Скопје.
Тој смета дека „реалното време треба да биде прилагодено со кинематографското време.
-Сакам чувството на реалното време да биде пренесено во филмот, бидејќи во секојдневниот живот многу малку го чувствуваме реалното време, вели авторот во истото интервју.
Бил член на жирито на Канскиот филмски фестивал, на Европската филмска академија, како и на Азиско-пацифичката филмска академија. Покрај неговата главна преокупација со филмот, Семих Капланоглу пишувал статии помеѓу 1987 и 2003 година кои биле објавувани во периодични изданија посветени на уметноста, а од 1996 до 2000 година, тој имал колумна во дневниот весник „Радикал“. Неговиот филм „Жито“ од 2017 година ќе биде прикажан по негова желба на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во чест на доделеното признание. Овој 35-милиметарски црно-бел филм е копродукција на Турција, Германија, Франција, Шведска и Катар, со Жан-Марк Бар, Ермин Браво, Григориј Добригин и Кристина Флутур и бил работен пет години.
„Жито“ ја доби наградата за најдобар филм на 30. Токиски филмски фестивал. Во 2018 година, почна да работи на „Трилогијата за посветеност“. „Посветеност Асли“ од 2019 година беше номиниран за Оскар во Турција, што е првиот дигитален филм од овој режисер. Во 2020 година, го заврши снимањето на „Посветеност Хасан“ непосредно пред ковид пандемијата, а сега работи на последниот дел од трилогијата „Посветеност Фикрет“, која е адаптација на романот „Ум во мир“ од познатиот турски автор Ахмет Хамди Танпинар.