Manaki Brothers

Свен Никвист e eден од десетте највлијателни кинематографери во историјата


Свен Никвист е еден од најистакнатите светски кинематографери, чија специфична употреба на светлината, осветли многу од најголемите филмови на режисерот Ингмар Бергман. Неговиот син, Карл-Густаф Никвист, кој исто така е во филмската индустрија, има снимено документарен филм за неговиот татко, „Light Keeps Me Company“, во кој зборуваат и неколкумина колеги од филмовите на Никвист со Бергман.

Денеска, шведскиот кинематографер и член на Шведската кинематограферска асоцијација, Ларс Петерсон, во киното „Манаки“ во Битола одржа предавање за животот и кариерата на Никвист, кој почина во 2006 година. 

„Никвист имал тешко и тажно детство. Неговите родители биле проповедници на христијанската вера и биле надвор од Шведска. За тоа време нивните три деца, меѓу кои и Свен, ги оставале во сиропиталиште. Доаѓале да си ги видат децата на секои 4 години. Таткото и чичкото на Свен биле фотографи и го научиле и Свен да слика. Кога бил адолесцент, го засакал киното, фотографијата и сонувал да патува низ светот. Веќе на 19 години бил ангажиран од „Сандрес филм студиос“ каде што работел од 1941 до 1959. На 23 години станал директор на фотографија. Студиото го испраќа на неколку ангажмани надвор од Шведска, дури и во Африка“, зборуваше Петерсон во своето предавање за Никвист. 

Во 2022, во Стокхолм бил организиран трибјут во чест на Никвист, кого колегите го нарекуваат „Grand old man of Swedish cinematographers“. Според Петерсон, работата, животите и судбините на Никвист и на Ингмар Бергман се неразделливи. 

„Тие соработуваа на филмовите „Тhe virgin Spring“ и „Trough a glass darkly“, кои биле снимени во традиционален стил. Двата филма ја добија оскар за најдобра фотографија, две години по ред. Потоа следуваше „Winter light“ од 1961 и тој филм е практично е почеток на нивната заедничко авантура. Во периодот од 1959 до 1971 година, направиле 13 долгометражни филмови заедно“, кажа Петерсон.

Вештините на Никвист во тој период достигнале нови граници. Тој почнал повеќе да гравитира кон осветлување на просторот, а помалку се грижел за осветлување на сцената. Тоа се гледа во филмот „Persona“ од 1966. Подоцна, во 1971 година, со филмот „Cryes and wispers“, Бергман и Никвист достигнале нови нивоа во нивната работа, што всушност е најдобриот експеримент на Бергман со светлата и боите во тоа време, за што филмот добил оскар за најдобра кинематографија. Она што е специфично за работата на Никвист е натурализмот и едноставноста. Многумина го сметаат за еден од најголемите кинематографери на сите времиња. Во 2003 година, Никвист беше оценет како еден од десетте највлијателни кинематографери во историјата, во истражувањето спроведено од Меѓународното здружение на кинематографери. 

Во негова чест, секоја година се доделува награда за кинематографија „Свен Никвист“, на Филмскиот фестивал во Гетеборг, која се доделува во соработка со Фондацијата за кинематографија „Свен Никвист“.

Scroll to Top