Manaki Brothers

Избрани се 16-те финалистки за Програмата „Кадар-на“

По приемот на многубројните пријави од целиот Западен Балкан, 16 млади филмски режисерки и медиумски уметници во подем се избрани да учествуваат во програмата „Кадар-на“, поддржана од Британскиот совет.

Во текот на програмата, учесничките ќе работат со водечки професионалки од филмската индустрија преку онлајн работилници, индивидуално менторство и мастер-класови. Покрај тоа, ќе присуствуваат и на настани од клучно значење за индустријата, како и на конференциите што се одржуваат како дел од филмските фестивали во Нови Сад и во Битола. Фокусот не е само на разработка на уметничките идеи, туку и на справување со родовата нерамноправност во аудиовизуелните уметности.

Избраните финалистки се: Ангела Димеска, Теодора Миодраговиќ, Тина Величковиќ, Ружица Ања Тадиќ, Вишња Сретеновиќ, Николина Ѓенадија, Драгана Џокиќ, Стефанија Трпеска, Маша Рудовиќ, Ивона Ѓорѓиовска Кузмановска, Ленка Трајковиќ, Наташа Величковска, Анета Шијакова, Соња Ѓуриќ, Ајсела Војка, Бојана Николовска.

Избраните финалистки тесно ќе соработуваат со врвни професионалки од филмската индустрија: Сања Поштиќ, наградувана дигитална дизајнерка и добитничка на Големата награда „Ју-екс Гејт“ (UX GATE) во Јужна Кореја; Дина Дума, наградувана режисерка на првиот македонски филм достапен на „Нетфликс“ (Netflix); Бојана Андриќ, призната кинематограферка и потпретседателка на САС (Српската асоцијација на сниматели) и ИМАГО (анг. IMAGO – Меѓународна федерација на кинематографери); и Драгана Тешиќ, поранешна долгогодишна регионална директорка на „Сони пикчрс ентертејнмент“ (анг. Sony Pictures Entertainment).

Проектот „Кадар-на“ го спроведува Филмскиот фестивал во Нови Сад, во организација на Културниот центар на Нови Сад и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, со цел да инспирира нова генерација жени во креативните индустрии и да придонесе за родовата рамноправност на Западен Балкан. 

Проектот е поддржан од Британскиот совет во рамките на иницијативата „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансирана од Европската Унија. Програмата има за цел да го поттикне регионалниот дијалог преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социоекономско влијание. 

Scroll to Top