Manaki Brothers

Димитрија Доксевски: Проектот „Манаки Co-Production Forum со Франција“ е значаен за нашиот фестивал и за филмот во целина

 

Чувствувам посебна чест и задоволство што имам можност да ја продолжам соработката со Летиција Кулик, авторка на проектот „Копродукција помеѓу Франција и земјите од Западен Балкан: структурирање, поддршка и валоризација на филмското творештво”, Француската амбасада во Скопје и Францускиот институт во Скопје на овој проект, која започна минатата година и оваа година ќе го продолжиме заедно, рече во своето обраќање Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“на прес-конференцијата на Амбасадата на Република Франција во Северна Македонија и Францускиот институт – Скопје, по повод една година од реализацијата на проектот за поддршка на филм и развој на копродукциски проекти помеѓу Франција и земјите од Западен Балкан. 

Доксевски посочи дека станува збор за проектот „Манаки Co-Production Forum со Франција“, иницијатива која за првпат беше реализирана во рамките на 45. Издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2024 година.

„Филмот изгради цврста основа врз која ќе продолжиме да ја градиме соработката. Станува збор за пет внимателно избрани филмски проекти од Западен Балкан кои имаат можност да ги презентираат нивните проекти пред исклучително искусни француски продуценти, да учествуваат на индивидуални средби и да почнат потенцијално интернационални копродукциски партнерства. Верувам дека овој модел е добар за авторите, продуцентите и секако, за нашата кинематографија во целина. Продолжувањето на овој вид на соработка сметам дека е добро да прерасне во традиција и платформа за продукциска соработка меѓу француската и балканската филмска сцена,“ истакна Доксевски.

Тој информираше дека може да аплицираат претставници од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

„Соработката е значајна не само за нашиот фестивал „Браќа Манаки“, туку и за поширокиот културен развој и филмот во целост. Форумот отвора нови можности за вмрежување, споделување нови искуства, како и конкретни партнерства од кои корист ќе имаат сите вклучени страни-авторите, продуцентите, филмските професионалци и публиката. Убеден сум дека оваа година ќе имаме голем број на пријавени проекти, учесници кои ќе бидат дел од копродукцискиот форум и најдобрите ќе имаат можност да ги претстават своите проекти во септември во рамките на Фестивалот и оттука да произлезат прекрасни соработки и нови успешни филмови“, подвлече Доксевски.

Минатата година, во Офицерскиот дом се собраа врвни кинематографски професионалци и продуценти. Форумот започна со „Meet & Greet“ сесија, проследено со презентации на продуцентите и кратки воведи на проектите. Помеѓу проектите беа „Migrant,“ „Hotel Boka,“ „Snowman,“ „The Bay,“ и „The Secret of Bare Hill,“ а сесиите 1-на-1 овозможија директни средби меѓу продуценти како Gaëtane Rieusset, Christophe Audeguis и Patrice Nezan, кои разговараа за можности за копродукции и нови проекти. Овој форум беше одлична платформа за размена на идеи и меѓународна соработка.

Scroll to Top