На фестивалот „Браќа Манаки“ работи голем тим од професионалци бидејќи самиот настан бара добра и професионална организација. Што за вас значи да се биде координатор на овој значаен фестивал?
Да се биде координатор на фестивал како што е ИФФК „Браќа Манаки“, значи одговорност и обврска која ја имам преку целата година. Јас и директорот на фестивалот, Симеон Дамевски, изминативе две години, буквално го живееме и работиме фестивалот константно. Координатор е всушност главната алка која го спојува синџирчето. Јас сум серверот – базата на податоци која ја споделувам со тимот, гостите, институциите.
Поврзувањето на тимот, снабдувањето со потребни информации, комуникацијата со сите гости, институции, спонзори, дистрибутери на филмови, сместување, авио билети е само дел од мојата работа. Мојата работа е најстресна и обемна пред започнување на фестивалот, но секако бара максимална ангажираност и во текот на самиот фестивал.
Со оглед на тоа дека веќе неколку гдини по ред се координаторка на фестивалот, што претставува овој настан за вас?
ИФФК „Браќа Манаки“ за мене претставува авантура која треба да се доживее, адреналин кој мора да се издржи, приказна која треба да се раскаже, филм кој и те како треба да се види. Фестивалот е многу стрес, адреналин кој не оддржува да продолжиме и издржиме до крај, но и многу позитивна енергија и задоволни гости, полни сали, работилници, прес- конференции. „Манаки“ е мојот ролеркостер, на кој со многу љубов и ентузијазам секој пат би се качила повторно.
Дали е тешко да се координираат сите големи и мали нешта поврзани со еден ваков голем фестивал?
Морам да признаам – Да! Понекогаш изгледа и невозможно тешко, но сепак овој фестивал го работам од љубов и искрено вреди целиот труд и вложена љубов. Моментите на отворање и затворање на фестивалот, кога и реално седнувам и сум во позиција и на спектатор, покрај организатор на настанот, ми даваат сила, храброст и мотив за понатаму, кога всушност гледам пред себе што ние како тим сме создале. Мојата работа подразбира координација на минимум петстотини луѓе со кои комуницирам секојдневно и се трудам да обезбедам се што е потребно за што поуспешно издание на фестивалот.
Оваа година организацијата беше беспрекорна. Што е она што најмногу ви остави впечаток од годинешното издание на фестивалот?
По повеќе од еден месец по завршување на фестивалот, сумирање на искуствата на тимот и гостите со сигурност можам да кажам дека ова 43. издание на „Браќа Манаки“, беше навистина успешно. Богата и квалитетна филмска програма, многу задоволни странски и домашни гости и полни кино сали се резултат на нашата работа, како и она за што се стремевме изминатава година.
Како функциониравте внатре во тимот, каква беше соработката со останатите колеги?
Дел од тимот работи повеќе години на фестивалот и се познава меѓу себе. Тоа ја олеснува комуникацијата внатре во тимот. Работата со вистински професионалци во својата област е искрено, вистинско задоволство. Со сценограф како Игор Тошевски, прес-лице како Невена Поповска, преведувачи како Ана Василева и Емили Сапунџија, прекрасни селектори меѓу кои годинава ни се приклучи и Кумјана Новакова, извршен директор како Дарко Попов, вреди сиот труд и стрес вложен со една цел-успешна реализација на фестивалот. Со сигурност можам да кажам дека без помошта од Мартин Несторовски немаше да се снајдам во својата улога годинава, ниту пак веб-страницата ќе изгледаше така како што е да не беше Антонија Поповска. Жалам што не можам да ги спомнам сите членови на екипата но секој од нив вреди и има свои квалитети, впрочем и затоа се одбрани на тие позиции. Недоразбирања и филтрации на екипата е сосема природно, но тоа е секако во служба на што подобра организација и реализација на проектот. Јас сум задоволна и пресреќна што две години оваа екипа работи напорно и не се штеди се со цел: што поуспешно издание на ИФФК „Браќа Манаки“.