Manaki Brothers

Митја Личен: Сакав силни бои, па камерата Аlexa 35 беше полн погодок во снимањето на „Семејна терапија“


Митја Личен, директор на фотографија од Словенија, денеска зборуваше на панелот насловен како „Од Трајбека до Манаки, зад сцената на `Семејна терапија`, снимен со ALEXA 35“ во киното Манаки во Битола. Заедно со Киара Катаља од ARRI, германскиот производител на опрема за филм, зборуваа за опремата и осветлувањето користени на сетовите во текот на снимањето на филмот. Словенечката мрачна комедија-драма, за навидум совршен семеен живот, беше избрана да биде поддржана од ARRI меѓународната програма за поддршка. На публиката ѝ беа прикажани неколку сцени од „Семејна терапија“, кои кинематограферот ги коментираше зборувајќи за тоа, што се случувало на сетовите. 

„Во сцената кога семејството-бегалци се појавуваат пред вратата, ставивме светла на краевите на вратата со дополнително светло над нив, за да го постигнам ефектот кој го сакам. Кога се случува конфронтација меѓу современото семејство и бегалците, многу е важно какво ќе биде светлото“, зборуваше Личен. 

Тој коментираше и за сцената во која Џулиен е под туш, односно зборуваше за тоа дека светлото во сцената доаѓа од надвор во купатилото. 

„Она што е интересно во оваа сцена е што младите имаат отворена врска. Агата влегува и го провоцира Џулиен, бара доказ дека тие навистина се брат и сестра. Прво ги двои стаклото од туш кабината, а потоа на крајот на сцената зацршуваат на иста страна“, кажа Личен. 

Во сцената каде што родителите вечераат со децата, Личен кажа дека е користена статична камера која полека почнува да се движи, тогаш кога низ разговорот, почнува да се разнишува врската меѓу родителите и децата. Тој рече дека сака силни слики, односно слики во силни бои, па за таа намена, камерата Alexa 35 била вистински погодок. 

Инаку, некои од позначајните проекти во кои учествувал Личен, се Рударот (2017), Кој се плаши од црниот човек? (2012) и Историја на љубовта (2018). За Семејна терапија, тој добил поддршка од меѓународната програма за поддршка на компанијата ARRI, германскиот производител на опрема за филм. ARRI, компанијата со седиште во Минхен основана во 1917 година, е Silver Partner на 45. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, поддржувајќи го врвниот креативен израз во светската кинематографија. Со својата долга традиција и иновации во филмската индустрија, ARRI останува доверлив партнер на професионалците кои создаваат визуелни ремек-дела. Како Silver Partner, ARRI го потврдува своето посветено учество во одржувањето на филмското наследство и промовирањето на идните генерации кинематографери. ARRI произведува професионални камери за филм, oбјективи, опрема за осветлување и постпродукција.

Scroll to Top