Manaki Brothers

Врската на кинематограферот со објективот е посебна


Релацијата меѓу кинематограферите и објективите е посебна и интимна и таа треба да се развива. Во процесот на снимање филм секогаш бараме повеќе острина и дефиниција, а затоа објективите се многу важни.

Ова беше заклучокот од панел-дискусијата „Leitz – Бирање правилни сликарски четки (избор на објективи), на кој зборуваа докажаните кинематографери Ненси Шрајбер, Мустафа Бaрат и Лула Карваљо, а кој се одржа во киното Манаки, во рамки на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Дискусијата ја водеше Сет Емонс, директор за комуникации во „Лајц“, кој кажа дека компанијата веќе трета година е спонзор на фестивалот, за кој истакна дека му е еден од омилените настани. На настанот, професионалците зборуваа за почетоците на нивната кариера.

„Дипломирав психологија на универзитетот во Мичиген. Но, знаев дека сум многу активна за да седам и разговарам цел ден со луѓе кои имаат проблеми. Па, се преселив во Њујорк. Ја започнав мојата кариера како електричарка на првиот филм на кој ме избраа, иако немав поим што треба да работам“, кажа Шрајбер.

Таа истакна дека е многу важно какви објективи се користат при снимање филм. Шрајбер раскажа дека пред многу години правеле краток филм заедно со нејзин другар кој бил режисер, па ги тестирале објективите кои ги користеле и дека тестирањето е задолжително пред употреба.

Лула Карваљо е кинематографер кој пораснал на филмски сетови, бидејќи татко му исто така бил директор на фотографија. Има работено на филмовите RoboCop и блокбастерот Teenage Mutant Ninja Turtles.   

„Од десетгодишна возраст сум со татко ми по сетови. Започнав во Бразил, сега живеам и работам во Њујорк. Сакав да бидам како татко ми, ја сакав камерата. Веќе во средно бев во камера одделот. Татко ми не сакаше да работи со мене зашто сум му син, но по некоја година, имав среќа да ме повика еден режисер и да ме ангажира на филм“, кажа Карваљо.

Зборувајќи за употребата на објективи, тој кажа дека објективите се важни бидејќи при снимање филм секогаш се бара повеќе острина и дефиниција. Пред неколку години, кажа дека користел камера SONY А7 кога снимал документарен филм, која му овозможила поголема флексибилност. Карваљо неодамна за прв пат снимал со SONY Venice, за која кажа дека е одлична камера.

Бразилскиот кинематографер Мустафа Бaрат со публиката сподели дека мајка му била филмски работник.

„Работев многу на реклами, документарни филмови и на неколку играни филмови. Чудо е како технологијата ги менува работите. Без оглед дали причините биле финансики или други, жалам за објективите кои сум сакал да ги употребам при внимање филм, а не сум бил во можност“, истакна тој.

 

Scroll to Top