Manaki Brothers

Слаѓан Пенев е селектор на главната програма на Интернационалниот фестивал за филмска камера, „Браќа Манаки“. За тоа, што претставува овој фестивал за него, за филмовите кои годинава ќе бидат дел од главната натпреварувачка програма, како и за активностите кои ги има периодов, Пенев открива во ова интервју.

 

Вие со години сте дел од ИФФК ,,Браќа Манаки“. Што претставува овој фестивал за вас?

 

„Браќа Манаки“ е место на кое првенствено секогаш убаво си поминувам поради позитивната атмосфера, која ја создаваат многу прекрасни луѓе во Битола кои го сакаат фестивалот, ја сакаат културата и си го сакаат градот. ИФФК „Браќа Манаки“ за мене е еден вид училиште, во кое се едуцирав за филмот, сретнав извонредни автори кои дале голем придонес во светската кинематографија, запознав вредни професионалци кои ја градат македонската филмска култура.

 

Годинава повторно ќе го правите изборот за главната натпреварувачка програма. Има ли годинава добри филмски продукти? 

 

Има премногу добри филмови и оваа година, ама за жал само мал дел од нив можеме да прикажеме на нашиот фестивал.

 

Дали при изборот и селекцијата на филмови се водите од квалитетот на истите, односно, што е она што мора да е сработено одлично за да го заслужи местото кое му припаѓа? 

 

Со оглед дека ова е фестивал на филмската камера, првенствено се водам од квалитетот на фотографијата на секое дело, но секако целината на филмското дело е клучна за изборот. Има многу филмови со исклучителна фотографија, во кои делото на авторите кои биле одговорни за фотографијата доминира над останатите сегменти, но доколку во таквото дело приказната или режисерското остварување не се на солидно ниво, мислам дека не би требало да се вклучат во главната програма на фестивалот „Браќа Манаки“. И обратно, имаме одлични филмови со приказна или сцени кои ќе ве потресат, а за жал, бледа фотографија која можеби за дел од гледачите нема да направи голема разлика, но за нашиот фестивал сепак прави.

 

Што е она што е во фокусот на вашата работа периодов? 

Се обидуваме заедно со директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски да ја доусогласиме програмата за следното издание на Манаки, кое ќе се одржи на крајот на септември.

Scroll to Top