Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, го објави добитникот на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 44. фестивалско издание, што ќе се одржи од 23. до 29. септември.
Кинематограферот Шејмус Мекгарви, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои ЕМИ награда и БАФТА номинација за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на Фестивалот како добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Шејмус Мекгарви е двапати номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Двапати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со Лимиер медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.