„СУМОЛАЈТ награда за креативна синергија“ на ИФФК „Браќа Манаки“
Со особена чест и задоволство Ви ја претставуваме „СУМОЛАЈТ наградата за креативна синергија“, која за првпат ќе биде доделена на овогодишното, 45-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, спонзорирана од „СУМОЛАЈТ“. Оваа награда е создадена од страна на Фестивалот, во соработка со „СУМОЛАЈТ“, со цел да се истакне значењето на соработката помеѓу кинематограферот и неговиот мајстор на светло, која е круцијална за визуелизацијата на едно филмско дело.
Наградата е наменета за неопходната двојка филмски соработници, кои со заемниот креативен потенцијал и техничко познавање ќе му овозможат на режисерот да ја оствари својата визија, создавајќи не само убави кадри, туку и кохезивен визуелен наратив којшто ќе резонира со гледачот. Оваа награда има за цел да ја промовира неопходната врска помеѓу кинематограферот и мајсторот на светло, динамичниот и колаборативен сооднос, што претставува темел на секој исклучителен филм.
Со признанието „СУМОЛАЈТ награда за креативна синергија“ ја наградуваме исклучителната соработка помеѓу Алис Брукс, ASC, и нејзиниот мајстор на светло Дејв Смит, за нивната извонредна работа на филмскиот мјузикл „Злобна“/“Wicked“ (2024). Брукс и Смит создадоа визуелизација која истовремено е волшебна и револуционерна, подигнувајќи го драматуршкото дејствие на повисоко естетско рамниште.
Алис Брукс, ASC, е една од водечките кинематограферки во филмската индустрија, позната по својот иновативен пристап, по големото познавање на светлото, бојата и композицијата, кое придонесува за збогатување на емоционалните квалитативи на наративот. Во „Злобна“, нејзината визија беше реализирана со беспрекорна прецизност и креативност, создавајќи оживотворен магичен свет на екранот.
Дејв Смит е искусен мајстор на светло, кој има значаен удел во преточувањето на визијата на Брукс во реалност. Неговата стручност во осветлувањето, вниманието посветено на деталите и способноста да се приспособи на потребите на секоја сцена беа клучни во создавањето на уникатната атмосфера на филмот. Беспрекорната соработка помеѓу Брукс и Смит е доказ за важноста на односот помеѓу кинематограферот и мајсторот на светло во снимањето филмови. Нивните заемни напори се пример како заедничката визија, во комбинација со техничката умешност, може да резултира со впечатливо филмско остварување.
Со доделувањето на ова значајно признание, се акцентира клучната улога која ја имаат овие соработки во комплетирањето на еден филм. „СУМОЛАЈТ награда за креативна синергија“ ќе продолжи да оддава почит на филмска двојка која ги поместува границите на визуелното раскажување на приказните со помош на заедничкиот талент, и со нетрпение очекуваме да посведочиме и други инспиративни филмски соработки во иднина.
Им честитаме на Алис Брукс, ASC, и на Дејв Смит за ова заслужено признание. Нивната работа на филмот „Злобна“ несомнено дека ќе послужи како урнек за моќта што лежи во соработката помеѓу секторите камера и светло на филмската продукција.