Патувачкото кино на „Манаки“ и „Македокс“
Од оваа година, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ му се придружува на патувачкото кино на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Магаренцето оваа година, во своето волшебно самарче, освен документарни, носи и играни филмови. Заедничкото караванче ќе останува по две ноќи во секое село, едната посветена на документарните, а другата на играните филмови.
Ќе ги прикажеме филмовите „Црно семе“ на Кирил Ценевски, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, „Летото кога научив да летам“ на Радивоје Андриќ, „Феникс“ на Петар Глигоровски, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија и „Остани исправен!!!“ на Кристијан Ристески. Фестивалот им се заблагодарува на продуцентите на сите филмови за отстапените права за прикажување на филмовите.
Заедничкиот караван на „Македокс“ и „Манаки“ ќе биде:
– во Цапари, на 4 и 5 септември (денес и утре), 20:00, сретсело;
– во Буково, на 6 и 7 септември, 20:00, сретсело;
– во Долно Оризари, на 8 и 9 септември, 20:00, сретсело.
Се гледаме на проекциите под отворено небо!