МОЌНИТЕ ЖЕНИ НА „МАНАКИ“
„Моќните жени на ‘Манаки’“ е серијал во којшто ќе бидат претставени учеснички од изданијата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кои дале особен придонес кон филмската индустрија. Тие, со својата посветена, пожртвувана и иновативна ангажираност, се носителки на позитивните промени на глобално ниво во филмот и во телевизијата и служат како репер за идните генерации на кинематограферки и филмски работнички во останатите сектори, кои ќе имаат придонес во кадрирањето подобар свет. ИФФК „Браќа Манаки“ се заложува за зголемување на процентот на жените во сите филмски професии, особено на кинематограферките, поради што го започнува серијалот посветен на учесничките на 44-тото издание од Фестивалот.
КРИСТИНА НОВАК
Препознаена како мисловен лидер во индустријата, Кристина Новак може да се пофали со широко експертско знаење за филмот, за телевизијата и за виртуелната продукција, како и со соработка со компании како 80six Virtual Production Studios и Anna Valley.
Преку извонредната работа со реномирани брендови, како што се RED Digital Cinema, Ncam и Megapixel VR, Новак има стекнато репутација на извонредна и иновативна личност. Како основач на New Chapter Production Ltd и коосновач на Women in Virtual Production, Кристина Новак продолжува да ја обликува иднината на забавната индустрија со својот силен талент за носење стратешки одлуки и за спроведување пионерски иницијативи. Таа има искуство на различни позиции, меѓу кои и претставничка на Обединетото Кралство во Одборот на Друштвото на филмски и телевизиски инженери, членка на BAFTA Connect, пријателка на Здружението на камермани и амбасадорка на Cinegirl.
Дополнително, таа со интегритет и страст работи врз престижни настани, и тоа како почесен меѓународен амбасадор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и член на Советодавниот одбор на Меѓународниот филмски фестивал „Еволуција“ на Мајорка, со што ја покажува својата посветеност кон унапредување на уметноста и медиумскиот пејзаж.
„Се обидувам да ги надминам проблемите што ги имаат жените лидери во индустријата во која доминираат мажите, со филантропија, волонтерство и промовирање каузи кои шират позитивни ставови и имаат позитивно влијание за жената во филмската индустрија“, вели Новак.
Во написот „Пуштете глас“ во списанието „Дефиниција“, Новак вели дека Жените во виртуелната продукција (WiVP) е клучна иницијатива насочена кон создавање поддржувачка средина и поттик за професионален развој на жените во индустријата на виртуелната продукција. „Оваа платформа нуди значајни можности за вмрежување, едукативни настани и информативни дискусии, кои се однесуваат на потребата за поголема застапеност и поддршка на жените во оваа област“, објаснува Новак. „Нашата сеопфатна цел со WiVP е да воспоставиме силна и поддржувачка средина за жените во виртуелната продукција. Тука тие можат да ја покажат својата работа и талент, да учат од колегите и да продолжат самостојно да напредуваат во својата кариера. WiVP е иницијатива што е посветена кон поттикнување позитивни промени и зголемување на застапеноста на жените во индустријата на значаен начин – со нивна искрена меѓусебна поддршка.“