МОЌНИТЕ ЖЕНИ НА „МАНАКИ“: ЕРИКА АДИС, ACS
Ерика Адис е една од најценетите кинематограферки во Австралија, којашто ја започна нејзината филмска и телевизиска кариера во локални независни продукции. По дипломирањето на Австралиското училиште за филм и телевизија во 1979 година, работи на долги и кратки играни, документарни и експериментални филмски и телевизиски проекти.
Иако на почетоците од својата кариера, Адис е составен дел од секторот камера, како асистентка на камера на долгите играни филмови: „Момчето од бура“/Storm Boy (1976), „Кас“/Cass (1978), „Ран мраз“/Early Frost (1982) и „Годината кога ми се скрши гласот“/The Year My Voice Broke (1987). Незаменлив е нејзиниот придонес и во австралиската документаристика. Со режисерката Хелен Грејс, во краткиот филм „Сериозен потфат“/Serious Undertakings (1983), ги деконструираа водечките политички и културни идеи преку филмскиот јазик, снимајќи еден од првите независни филмови создадени од жени во Австралија. Во 2005 година работеше врз документарниот филм „Тајната историја на хомосексуалната Австралија“/The Hidden History of Homosexual Australia.
Адис, во соработка со режисерката Алексис Красиловски, во 2007 година го сними „Жени зад камерата“/Women Behind the Camera, во којшто го документираа животот и работата на кинематограферките ширум светот, од воените полиња до Холивуд и Боливуд. Таа беше вклучена во создавањето на „Децата на сликите“/ „The Children in the Pictures“ (2021), документирајќи го одделот на австралиската федерална полиција „Аргос“ која ги гони глобалните мрежи на злоупотребувачи на деца.
Во 2022 година, Адис стана првата претседателка на Здружението на австралиски кинематографери (ACS), оформено во 1958 година. Таа држела предавања на постдипломски студии ширум светот, а нејзината четириесетгодишна кариера е пример што ги инспирира младите кинематограферки да зачекорат по нејзините стапки. На трибината „Гласови што дават сила“, на 44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, говореше за позитивната реакција која ја предизвикал нејзиниот документарен филм „Брејзен хасис“/Brazen Hussies (2022) кај нејзините студентки, за којшто стравувала дека нема да биде интересен за нив поради архивските снимки, но била пријатно изненадена од реакциите на студентките, кои не биле запознаени со револуционерните феминистички потфати на припадничките на „Женското ослободително движење“ од 60-тите и 70-тите години во Австралија.
Ерика Адис беше претседателка на австралиското Здружение на жени во филмот и телевизијата (WIFT) и инволвирана е во програмата за менторство, која има за цел да ја поттикне и да ја поддржи професионалната кариера на жените, промовирајќи го родовиот диверзитет во филмската индустрија. Таа ја препознава моќта и важноста на женската перспектива зад камерата, во кадрирањето, осветлувањето и создавањето значајни приказни, преку силата на подвижните слики.