Manaki Brothers

Добитничка на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на јубилејниот 45-ти Фестивал Браќа Манаки е истакнатата полска кинематограферка:

јоланта дилевска

Доследен на традицијата рано да ги воочува и потоа да ги негува врските со вонсериските кинематографер(к)и, годинава, на јубилејното 45. издание, Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки со посебна гордост ја закитува со специјалната Златна камера 300полската кинематограферка Јоланта Дилевска.

Јоланта Дилевска е родена во Вроцлав, Полска, во 1958 година, а се школувала и дипломирала режија и кинематограферство во 1989 г., на прославената Леон Шилер национална филмска, ТВ и театарска школа во Лоѓ, расадникот на многу генерации филмски уметници, особено кинематографер(к)и. Со стекнатото искуство и светско реноме, Дилевска е ангажирана како професорка на Филмската школа во Лоѓ, а предава и на престижната филмска академија Баден-Виртемберг во Лудвигсбург, Германија.

По дипломирањето, таа успешно се занимава со режија на документарни филмови, пишува сценарија за своите филмови, кои воедно и ги снима како кинематограферка, што во значајна мера ѝ дава и комплетно авторско својство во некои дела.

Нашиот фестивал ја воочи посебноста на Дилевска во 2006 година, селектирајќи го во официјалната конкуренција „Камера 300“ интимистичкиот црно-бел филм ДЕТЕТО НА КОЊ ВО ГАЛОП/THE BOY ON A GALLOPING HORSE, во режија на Адам Гузински/Adam Guzinski. Со овој филм таа го започнува својот лауреатски поход на Браќа Манаки“, освојувајќи дури три наши награди, што ја рангираат како една од најуспешните во аналите на фестивалот. Така, во 2008, Дилевска ја освои Сребрената камера 300 за антологискиот филм ТУЛПАН на сценаристот и режисер Сергеј Дворцевој. Блиска до нејзините документаристички афинитети, оваа сторија во амбиентот на казахстанските степи, фокусирана врз автентичниот живот на сточарите, со актери натуршцици кои се играат себеси – Дилевска ја слика во доку-играна структура, со изобилство крупни планови и камера од рака.

Триумфот на Дилевска на фестивалот Браќа Манаки беше во 2012 година, кога за ремекделото ВО МРАК/IN DARKNESS, ја освои Златната камера 300. Тоа е, воедно, крунската соработка со водечката полска режисерка од повозрасната генерација Агњешка Холанд/Agnieszka Holland. Она што Дилевска го демонстрира во оваа потресна драма за холокаустот на Евреите во Втората светска војна е врвен дострел од аспект на фотографијата, која, како што сугерира самиот наслов, е снимана во речиси апсолутен мрак, ретко виден и доживеан во светскиот филм. Имено, за да го долови ужасот во криењето од фашистите на група Евреи бегалци во канализациското подземје на градот Лвов/ Лвив (во времето на окупацијата полски, денес украински град) Дилевска креира визуелен мрак, своевидна црно-бела фотографија во колор, што од стручњаците е оценетa како врвно мајсторство. Впрочем, тогашното 5члено жири, во кое седеа дури четири врвни кинематографери, на чело со унгарецот Фред Келеман (Коњот од Торино), во своето образложение за наградата, наведува: Мајсторско користење на богатство од визуелно значење, осцилирајќи меѓу крупни планови, со кои нè внесува во карактерите чии чукања на срцата ги слушаме. Движејќи се меѓу светлина и сенка, камерата на Јоланта Дилевска нѝ ја доловува убавината содржана во мракот од мрак.

Четвртото учество на Дилевска во Официјалната конкуренција Камера 300 на Браќа Манаки беше во 2017 г. со филмот ТРАГА НА ДИВЕЧ/POKOT/SPOOR. Беше тоа нова соработка на тандемот Дилевска-Холанд, во која таа динамично и визуелно атрактивно ја слика трилератмосферата за непознатото зло и неговите сторители.

Следниот лауреатски чекор Дилевска го направи со филмот АЈКА/AYKA, кога во 2019 година, на јубилејното 40. издание на Браќа Манаки, интернационалното жири ѝ ја додели Специјалната диплома. Беше тоа втора ефектна соработка на тандемот Дилевска-Дворцевој, одново зближен во доку-играната структура, овој пат на егзистенцијалната социјална драма на млада мигрантка дојдена од азискиот дел на Русија во Москва. Дилевска и нејзините соработници сниматели работеле повеќе години на снимањето на овој визуелно импресивен филм, во којшто со динамична камера од рака, со чувство како да се неколку долги кадар-секвенци, се следи одисејата за преживување на младата жена Ајка во суровиот непознат зимски амбиент на велеградот, со извонредна креација на младата актерка Самал Јесјамова, која во Кан ја освои наградата за главна женска улога за насловната улога.

Покрај наведените филмови, Дилевска како кинематограферка ќе потпише уште дузина целовечерни играни филмови за кои ќе се закити и со петнаесетина други награди.

Авторка е и на петнаесет долгометражни документарни филмови, во својство на режисерка, сценаристка и/или кинематограферка. Најзначајни документарни филмови во нејзиниот авторски опус се: ХРОНИКА ЗА БУНТОТ ВО ВАРШАВСКОТО ГЕТО ОД МАРЕК ЕДЕЛМАН/KRONIKA POWSTANIA W GETCIE WARSZAWSKIM WG MARKA EDELMANA (1993) и МАРЕК ЕДЕЛМАН, ИМАШЕ ЉУБОВ ВО ГЕТОТО/MAREK EDELMAN, I BYLA MILOSC W GETCIE (2019). Последниов филм Дилевска го корежира со великанот на полската кинематографија, режисерот Анджеј Вајда, а косценаристи се, покрај Дилевска, самиот Марек Еделман и режисерката Агњешка Холанд.

Јоланта ДИЛЕВСКА е членка на Полското здружение на кинематографери, на Европската филмска академија, на Академијата на Азиските филмски награди, на Академијата на уметностите и науките на подвижните слики АМПАС, на Интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО и на Колективот на професионални директорки на фотографија во Полска.

Благоја Куновски-Доре

Scroll to Top