Димитар Грбевски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува ДФРМ
Македонскиот филмски и телевизиски монтажер Димитар Грбевски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.
-Оваа награда, воспоставена во 2013 година, е замислена како признание за посебен придонес кон македонскиот филм и од самиот почеток критериумот е подигнат толку високо што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за професионалец кој остави длабока трага во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, велат од ДФРМ.
Димитар Грбевски е роден во Велес. Започнува да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје, во 1965 година. Филмска академија завршува во Загреб (1972), а по завршувањето на Академијата, во 1975 година се вработува во „Вардар филм“. Од 1992 работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата за филмска и ТВ монтажа, а во 2011 заминува во пензија.
Грбевски како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ-филмови и серии. Во 1981 година ја освои Повелбата за долгогодишен придонес на Фестивалот на југословенски документарен и краток филм во Белград, а добитник е и на наградата „Златен објектив“, што ја доделува Кинотеката на Македонија. Во неговата богата филмографија, меѓу другите, се запишани и: „1971 година: Ембрио No. M.“ (монтажер на првиот македонски анимиран филм), „Најдолгиот пат“, „Исправи се, Делфина“, „Дае“ (документарен), „Црвениот коњ“, „Македонска сага“, „Џипси меџик“ и „Војната заврши“.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021), Горјан Тозија, филмски продуцент (2022) и Лабина Митевска, актерка и продуцентка (2023).
Наградата свечено ќе му биде врачена на Димитар Грбевски на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола.