Manaki Brothers

2022 ДОБИТНИЦИ И ЛАУРЕАТИ

ПОБЕДНИЦИ НА 43. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

Златна камера 300

Жирито го соопшти добитникот на Златна камера 300:

„За компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката, жирито ја доделува наградата Златна камера 300 на кинематограферот Рубен Импенс. 

„OСУМТЕ ПЛАНИНИ“
Кинематографер: Рубен Импенс 
Режисер: Феликс ван Гренинген, Шарлот Вандермерш
Земја: Италија
Времетраење: 2 часа 27 минути

Oсумте-планини-Тhe-eight-mountains

Сребрена камера 300

Жирито ја соопшти добитничката на наградата Сребрена камера 300: 

„За извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази, наградата Сребрена камера 300 се доделува на Дариа Д’ Антонио за филмот „Божјата рака“.

 

„БОЖЈАТА РАКА“

КИНЕМАТОГРАФЕР: Дариа Д’ Антонио

РЕЖИЈА: Паоло Сорентино

ЗЕМЈА: Италија

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 2часа 10мин

The-hand-of-God

Бронзена камера 300

Жирито го соопшти добитникот на наградата Бронзена камера 300: 

„За суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни за нежноста кои универзално одекнуваат, наградата Бронзена камера 300 се доделува на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“

 

„ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА“

КИНЕМАТОГРАФЕР: Хидетоши Шиномија

РЕЖИЈА: Ријусуке Хамагучи

ЗЕМЈА: Јапонија

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 2 часа 59 мин.

drive-my-car

Мала камера 300

Жирито го соопшти добитникот на наградата Maлa камера 300:

„За совршеното мајсторство во создавањето на незаборавна визуелна поема која го спојува традиционалниот филмски јазик со новите технологии, со цел да ги покаже длабоко потиснатите чувства на протагонистот, наградата Мала камера 300 ја доби Шади Чабан за краткометражниот филм „Варша.“

 

„ВАРША“

Кинематографер: Шади Чабан

Земја: Либан

Времетраење: 15 мин

warsha-мк

Железна камера 300

Жирито го прогласи добитникот на Железна камера 300: 
„Жирито одлучи наградата да му ја додели на документарецот „Мара“ на Саша Кулак, што ја поставува естетички и концептуално смелата перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Не само што не приближува до менталната состојба на лицата кои се изложени на политичко насилство од различен степен, туку и ни ги нуди филмските пристапи како алат за интеракција за преживеаните искуства“
 

 

„МАРА“
Kинематографер: Саша Кулак
Режија: Саша Кулак
Земја: Белорусија
Должина: 61 мин.
mara-1

Кристална камера 300

Жирито го прогласи добитникот на Кристална камера 300: 

„Наградата за најдобар студентски филм се доделува на филмот „Вдовица и сираче“, кој прикажува длабок и емотивен приказ на младоста, отуѓеноста и надежта. Генијално снимен филм, кој на уникатен начин ја раскажува филмската приказна со поетски визуелен израз. Раскажан со стил, филмот се развива низ повеќе слоен наратив како визуелен тек на свеста, на ослободувачки експетиментален начин.“
 

 

„ВДОВИЦА И СИРАЧЕ“
Кинематографер: Симон Харт, Кристијан Ноиберг
Режија: Никлас Полман
Земја: Австрија/Филмска академија Виена
Должина: 14 мин. 33 сек.

ЛАУРЕАТИТЕ НА ПОЧЕСНИ НАГРАДИ НА 43. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

EНТОНИ ДОД МЕНТЛ
ЏОН МЕТИСОН
ГОРЈАН ТОЗИЈА

Четириесет и третото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ го наградува со Златна камера 300 за животен опус, истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл. Со изборот да му ја додели оваа престижна награда на Дод Ментл, фестивалот доследно продолжува да гради традиција – на предходни лауреати на Специјалната Златна Камера 300, кои ја освоиле во својата помлада животна етапа, подоцна им ја доделува и Златна Камера 300 за животен опус, со што се заокружува нивната творечка целина.

Така Дод Ментл, по 13 години, откако во 2009 на триесеттиот јубилеен фестивал „Браќа Манаки“, стана добитник на Специјалната Златна Камера 300, годинава се закитува со позначајната награда за животен опус, со која влегува заслужено во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.

Во меѓувреме, неговиот опус е збогатен со уште десетици филмови и ТВ серијали кои се и негова специјалност (меѓу помаркантните, тематски и како портрет на контроверзниот Путин, „Интервјуа со Путин“ (The Putin Interviews), во режија на водечкиот американски режисер Оливер Стоун.

Роден во 1955 година во Витни во Оксфорд, во Обединетото Кралство каде и што се школувал во гимназиската возраст, Ентони Дод Ментл вели дека, иако живее во Данска, сепак тој се буди секој ден чувствувајќи се Британец/Англичанец. Но, чудно или не, наместо да студира во Оксфорд или Кембриџ, од 1985 до 1989 година студирал камера на Националната Филмска Школа во Копенхаген, кога и започнува да живее и работи во Данска. Со тоа станува натурализиран Данец со британско потекло.

Веднаш по студиите ја започнува својата соработка со неколку дански режисери кои се носители на новиот дански филмски бран, при што најзначајен му е Догме периодот. Тој станува еден од творците на тој оригинален дански филмски израз/тренд, започнувајќи соработка со родоначалниците на ова филмско движење. Така, во 1998 ќе го сними официјално првиот Догме филм „Семејна прослава“, кој на режисерот Томас Винтерберг му ја донесе светската слава. Cо својата снимателска работа и Дод Ментл го сврте вниманието, зашто суштината на Догме изразот и неговите аскетски правила биле базирани на начинот – како ќе биде сниман секој Догме филм (главно со користење на камера од рака) и добивање филмска фотографија без артифициелни светлосни извори, туку природни.

Во 1999 година веднаш следува и третиот Догме филм што го потпишува Дод Ментл, тоа е „Мифуне/Mifune’s last song“ на режисерот Серен Крег Јакобсен. Тоа е современа социјална драма за момчето Крестен, кој од семејната фарма се сели во велеградот Копенхаген. Во истата година, американскиот независен автор, 20 години помладиот од Ментл, Хармони Корин, ја бара соработката со искусниот Ментл, со кого го реализира првиот американски Догме филм – „Џулиен магаренцето“ (Julien donkey boy“), учесник во натпреварот на 21. „Браќа Манаки“ во 2000 година.

За Ентони Дод Ментл, соработката со главниот иницијатор и основач на Догме движењето – Ларс Фон Триер, била неизбежна, од двата филма на провокативната трилогија за Америка: „Кучешки град“ („Dogvil“) oд 2003 година и „Мендерлеј“ (Manderlay) oд 2005 година, до подоцнежниот, исто така кански учесник, уште поконтроверзниот „Антихрист“ („Antichrist“) од 2009 година, во кој Ментл го демонстрирал своето врвно кинематограферско мајсторство. Дод Ментл соработувал и со данската водечка режисерка Лоне Шерфиг во двата филма „Роденденскиот излет“ (The birthday trip), веднаш по завршените филмски студии во 1990 година, како и подоцнежниот „Баш како дома“ („Just like home“) во 2007 година.

Ментл му се врати и на режисерот Томас Винтерберг во 2003 како кинематографер на неговиот филм „Сѐ за љубов“ („Аll about love“), со американското актерско трио: Шон Пен, Џоекин Феникс, Клер Дејнс. Со стекнатото искуство, Дод Ментл ја проширува соработката и надвор од Догме кругот, па создава неколку маркантни филмови во неговиоит опус, како „127 часа“ („127 часа“) во 2010 година, во режија на Дени Бојл, со актерот Џејмс Франко, во улогата на автентичен алпинист кој бил 127 часови заглавен меѓу карпи, борејќи се да преживее во амбиентите на еден кањон во Јута). Во филмот „Последниот крал на Шкотска“ („Тhe last king of Scotland“) Ментл го слика актерот Форест Витекер, во личноста на озлогласениот африкански диктатор Иди Амин.

Во филмот „Тие прво го убија татко ми“ („First they killed my father“) oд 2017 година, со режисерката Анџелина Џоли, ги реконструираат потресните автентични настани од драмата на една камбоџанска активистка за слобода, која ги преживеала ужасите на смртоносниот режим на Црвените Кмери.

Триумфот во кариерата на Дод Ментл се случи во 2009 година, кога го освои едниот од осумте Оскари за филмот „Сиромашниот милионер“ (Slumdog millionaire), во режија на Дени Бојл (со кого, таа година беше отворен јубилејниот 30. по ред фестивал „Брака Манаки“). Така е крунисана и тандемската соработка на Дод Ментл со режисерот Дени Бојл, со кого предходно уште ги снимаше двата ТВ филмови „Комплетно голо издишување во рајот“ („Vaccuming completely nude in paradise“) и „Блудница“ (Strumped), обата реализирани во 2001 година. Потоа следуваа и двата филмови „28 денови подоцна“ („28 days later“) од 2002 година, како и „Милиони“ („Millions“) од 2004 година.

Џон Метисон, британски репрезент кој годинава ја добива втората традиционална награда, покрај Златната Камера 300 за животен опус на Дод Ментл-Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, како помлад колега, за која на нашиот список се наоѓаше веке подолго време и сега созреа моментот тој заслужено да се закити со неа. Роден е на 3 Мај, 1961, во Пурбек, Дорсет, Англија. Ѝ’припаѓа на средната веќе зрела генерација англиски кинематографери, со завиден опус од над 65 Credits-и, исполнет со краткометражни филмови, музички видеа, телевизииски серијали, документарци и сето тоа како паралелно искуство за созревање за најделикатната уметничка креативна димензија- кинематограферството, што го демонстрира на највисоко кинестетско ниво со бројни играни филмови во неговиот опус за кои е наградуван и номиниран.

Метисон нашето должно внимание го сврте уште со оскаровските филмови, ремек делата: Гладијатор (2000, на режисерот Ридли Скот) и Фантомот на операта (2004 на Џоел Шумахер, со три номинации за Оскар, иако е најзаслужен за оскарите добиени за другите. На Гладијатор му ги донесе петте оскари: на Расел Кроу за насловната улога, за костум дизајн, за звук, за визуелни ефекти и за најдобар филм на продуцентот Бранко Лустиг, кој во 2007 стана исто така добитник на Специјалната Златна Камера 300 токму за работата на Гладијатор и на спилберговото-оскаровско ремек дело Шиндлеровата листа.

Метисон доби сатисфакција од Британското здружение на кинематографери, чиј член е самиот, а кое му даде награда за визуелна креација во Фантомот на операта. Во тоа златно време на Метисон, како селектор му ги избрав за Главната Компетиција- Камера 300, неговите поинтимистички филмови: Виго: Страст за живот (1998) и K-Pах (2001). Првиот е омаж за истоименото класично антологиско ремек дело од француската кинематографија- Аталанта на режисерот Жан Виго од 1934, во кое, како што сугерира насловот, акцентот на режисерот Џулиен Темпл и на кинематограферот Метисон, е ставен на животот и личноста на самиот автор Виго. Во другиот селектиран филм на Метисон за Компетицијата на Брака Манаки, K-Рах на режисерот Јан Софтли, Метисон ја следи интимистичката драма на личност која во една психијатриска болница е деликатен пациент кој умислува дека е дојден од планетата К-Pax, во една од посуптилните креации на актерот Кевин Спејси и Џеф Бриџис како негов доктор.

Метисон го карактеризира еднакво успешен визуелен израз и во LOGAN (2017) на сценаристот и режисер Џејмс Манголд со актерот Хју Џекмен во насловната улога; од најновата продукција 2022-Д-р. Стрејнџ во мултиверзијата на лудилото, со Бенедикт Камбербач во насловниот лик, во кој режисерот Сем Раими и Метисон градат визуелна стрип парафраза на Спајдермен. Во овие спектакли, вклучително и петкратниот оскаровец Гладиатор, карактеристични се огромните буџети (со стартни околу 200 милиони долари, а профит од скоро 1 Милијарда долари), снимани/реализирани со висока технологија при што визуелните ефекти се неопходни и доминатни.

Cо годинашната награда Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметнист, Метисон на најдобар начин ја заокружува својата искрена сврзаност со фестивалот „Браќа Манаки“, а ние сме исполнети со задоволството што тој станува наш нов заслужен лауреат од редовите на британските/светските кинематографери.

43. издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, беше доделена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која традиционално (почнувајќи од 2013 година), се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Оваа година му беше постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.

Во богатата професионална биографија на Тозија, ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.

Горјан Тозија (1954-2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Mинистерството за култура и советник во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“. Тозија е продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“, кој доби номинација за Оскар во 1994, Undercover (1991), Sidney Sheldon’s Memories of Midnight (1991), The Forgotten (1989), A time of destiny (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ-проекти. Во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ, под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.

Како страстен вљубеник во филмот, Тозија целиот свој живот го посвети на афирмација на македонската кинематографија во светот, се залагаше за поддршка на младите креативни автори и за поголема застапеност на жените во филмската индустрија.

Scroll to Top