Manaki Brothers

ФИЛМОВИТЕ ОД МАНАКИ 44 „РАСТУРИЈА“ ВО СЕЗОНАТА НА НАГРАДИТЕ

Неколку филмови што беа селектирани во Официјалната селекција „Камера 300“ на 44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ подоцна, за време на т.н. „сезона на награди“, освоија бројни највисоки годишни филмски награди и се етаблираа на врвот на листата на најуспешни филмови на 2023 година. Еве ги признанијата што ги добија некои од најистакнатите филмови од минатогодишното издание на нашиот фестивал:

На Оскарите „Анатомија на падот“ (кинематографер Симон Бофис) и „Минатите животи“ (кинематографер Шабир Киршнер) беа номинирани за најдобар филм, додека „Совршени денови“ (кинематографер Франц Лустиг) доби номинација за најдобар меѓународен долгометражен филм.

На Златните глобуси „Минатите животи“ и „Анатомија на падот“ беа номинирани за најдобар филм – драма, а вториот ја однесе наградата за најдобар странски филм.

На Европските филмски награди (европските Оскари) „Анатомија на падот“ беше апсолутен победник и ја доби наградата за најдобар европски филм, а номинација во истата категорија доби и „Паднати лисја“ (кинематографер Тимо Салминен).

На британските БАФТА награди „Анатомија на падот“ доби номинации за најдобар филм и најдобар странски филм.

На француските „Цезар“ награди „Анатомија на падот“ повторно беше награден како најдобар филм, а „Совршени денови“ и „Паднати лисја“ добија номинации за најдобар странски филм.

Гран-прито за најдобар филм на 2023 на меѓународната асоцијација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ му припадна на „Паднати лисја“.

Филмовите „Минатите животи“ и „Анатомија на падот“ ја освоија наградата за најдобар игран и најдобар меѓународен филм на Film Independent Spirit наградите.

„Сателит“ наградите (организирани од Меѓународната прес академија) го номинираа „Минатите животи“ за најдобар филм – драма, а „Анатомија на падот“ и „Паднати лисја“ ги номинираа за најдобар странски филм.

Покрај тоа, според анкетата на критичарите на „Индивајр“, „Минатите животи“ беше прогласен за најдобар  филм на годината, а номинации добија и „Анатомија на падот“, „Совршени денови“ и „Паднати лисја“.

Конечно, на доделувањето на Азија-Пацифик филмските награди „Совршени денови“ ја доби наградата за најдобар игран филм.

Во пресрет на 45-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ (21-27 септември) имаме чест да најавиме дека годинава во Битола ќе гледате уште поквалитетна селекција на врвни филмови.

Scroll to Top