Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски го објави добитникот на Златна камера 300 за животен опус на 44. Фестивалско издание што ќе се одржи од 23. до 29. септември.
Кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања, оскаровецот Питер Бижу, е годинешен добитник на наградата Златна камера 300 за животен опус.
Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.
Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група Монти Пајтон со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија / пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981. „Временски бандити“.