Manaki Brothers

Ентони Дод Ментл е едно од најзвучните светски имиња во снимателската професија, кој има реномиран филмски багаж. Неговиот потпис стои во филмовите „Прослава”, „Уште една тура” (Томас Винтерберг), „Догвил”, „Мандерлеј”, „Спроти брановите”, (Ларс фон Трир), „Треинспотинг”, „28 дена подоцна”, „Милионер од улицата”, (Дени Бојл), добитник на  „Оскар” и на англиската награда БАФТА.

Величината на Ентони е уште позначајна, бидејќи тој се разликува од останатите конвенционални замислени холивудски ѕвезди – не им робува на стереотипите, како што вели самиот. Се смета себеси за глобтротер кој припаѓа на европското тло. Во деновите кога се одржуваше Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, ја искористив можноста да поразговарам со него, да ги согледам неговите размислувања и да ги пренесам во ова интервју.

Можете ли да ни кажете кои се вашите почетоци на снимање, како дојдовте до сегашниот успех, влијаеше ли мајка ви на вас бидејќи таа беше сликарка или брат ви кој е писател, а можеби причината, сепак, е од различна природа?

 

Од моите родители секогаш имав неизмерна поддршка за било што и да работев, вклучувајќи ги моите почетоци како касиер во маркет, а подоцна и кога се појавија првите искри кон камерата. Тие постојано ме охрабруваа и ми ја повторуваа аксиомата, дека само со перманентна работа се стасува до триумфот, а таа убава навика денес јас ја пренесувам на мојот син со истиот ентузијастички порив. За да го подобрите вашиот професионализам, би го спомнал Марадона, кој жонглира фантастично и потоа ги торпедира противничките голови, или Мајкл Фелпс.

Во една од сцените на филмот „Милионер од улицата” во режија на Дени Бојл ја забележав хроматската визура на Рембрант, но исто така една мизансцена ме потсетува на „Огнени кочии” на Хју Хадсон, а асоцијативната тематика ми ги навести акордите на Вангелис. Дали тоа можеби е случајност или вистинската причина според вас?

 

Морам да признам имате остро око, ја паметам добро сцената од „Огнени кочии” и има некоја мистика која не можам да ја разоткријам во целост мојата интима, а Рембрант е еден од моите омилени сликари и дел од неговото творештво се рефлектира на мојот хабитус, ме стимулира, ми дава импулс на инспиративна моќ за создавање на убави нешта, а тоа е дел од мозаикот на уметноста која ја прави совршена.

 

Не би можел да го премостам филмот „Прослава” кој за мене е еден од најдобрите филмови од антологискиот опус на Томас Винтерберг, каде на вешт начин авторот ни ги разоткрива мрачните тајни од семејството кои првично изгледаат безазлено и среќно, а впрочем под сета таа хипокризија се крие ликот и делото на саможивите деспотски родители кои со своите деца раководат како со марионети. Кажете ни нешто повеќе, како се одвиваше филмскиот процес со Томас Винтерберг и вториот дел од моето прашање се однесува на неверојатниот стоицизам и храброст кој ја има во себе Томас кој и покрај доживеаната трагедија при снимањето „Уште една тура”, (ја загуби ќерката во сообраќајка) сепак одлучи да го сними филмот до крај и при тоа се ослободи прометејски од прангите кој заслужено го освои „Оскарот” во категорија за неанглиски филм како и европската награда за најдобар филм, на што се должи оваа негова храброст?

 

Тој цело време беше опкружен со многу љубов, вие ja погодивте целта бидејќи „Прослава” е мојот омилен филм. Со Томас многу се почитуваме, тој беше еден од најдобрите студенти, скоро не сме соработувале заедно бидејќи со текот на времето нашите идејни замисли се разидоа.  Добро се сеќавам, бев во Њујорк кога почина ќерка му, беше ноќно време кога ми се јави, го фатив  првиот авионски лет и пристигнав во Копенхаген, а тој срдечно ме пречека. Во едната рака ја држеше помалата ќерка, а со другата рака се поздрави со мене, не можев да ги додржам солзите и заплакав.

 

Во списокот на значајни режисери со кои сте соработувале е името на еден од најзначајните претставници од „Догме”, тоа е големиот Ларс фон Трир кој е препознатлив по филмовите „Спроти брановите”, „Танчер во ноќта”, „Европа” (мојот омилен филм од неговата филмографија), но би сакал подетално да ми раскажете за ремек делото „Догвил” и „Мандерлеј” каде доаѓа до израз вашата умешна прецизна вивисекција, а од мастеркласот кој го одржавте значаен реторички акцент ставивте за борбениот фронт на депресивна агонија од една страна и борбата со демоните од друга страна низ кој минува(л) Ларс, па кажете ни како се одвиваше работниот процес на филмовите со кои соработувавте заедно?

 

Во суштина условите при снимањето беа одлични, на располагање имавме огромно игралиште и ги имав сите предиспозиции за творечка моќ, а тоа е сигурен рецепт за финален успех. Чувствував посебно задоволство при снимањето на „Догвил” и „Мандерлеј”,бев радосен и исполнет но успеав да создадам интеракција со публиката.

Во вашиот именик имате многубројни филмски ѕвезди со кои сте соработувале, но дали сепак можете да издвоите некои кои ви лежат на срце и повторно би се навратиле за заедничка соработка?

 

Хммм… мислам веднаш без размислување ми текнува на прекрасната Никол Кидман која има златно срце и секогаш е флексибилна на снимањата, но многу ми е жал што и таа се вклучи во  армијата на современата естетска хирургија а ботоксот и го уништи убавото лице. Таа е неодолива личност со извонредна смисла за хумор, а во нејзиниот раскошен талент се уверив при снимањето на филмот “Догвил” но убаво искуство имав и со Брајс Далас во „Мандерлеј. Секако би го споменал и ирскиот шармер со сензибилен карактер Килијан Марфи кој Кен Лоуч секогаш во инервјуата го глорфицира неговиот талент, а најзначани актери ми се Стелан Скарсгард и Вилијам Дафо.

Би сакал да споделам некои битни факти со вас, бидејќи вие имате солидно познавање од филмската уметност, можам да ви кажам од сведоштвата на мои колеги кои соработувале со Тарантино, велат дека е многу тежок за соработка како автор.

 

Во текот на разговорот ми се наметнува и прашањето кај вас дали владее чувството на носталгија со оглед на тоа дека вие долги години живеете во Данска?

 

Јас припаѓам во светот на искреноста, не сум дел од егата, арогантноста, себичноста и егоцентричноста, сакам дел од англичаните, тоа се моите роднини, брат ми и пријателите.

 

Освен што сте снимател со светско реноме, во суштина сте еден кроток, приземјен човек кој е ретка појава, а во исто време филантропски глобтротер. Дали сте биле досега во Македонија?

 

Ова е мое второ гостување во Македонија. Јас сум воодушевен од срдечноста на македонскиот народ кој е покрај мене и гледам весели насмеани лица на млади луѓе, убави жени, а исто така имате прекрасни национални богатства како Охрид кој вчера го посетив и ме освои со својата автентичност, би ве советувал вакви национални богатства да ги чувате како зеница во око.

 

Добивте ли инспирација можеби за снимање при претстојот во Македонија за вашиот следен проект?

 

Секако она што деновиве доста го размислувам е филм со тематика за кучињата.

 

Нашата средба започна на многу спонтан начин, вие го препознавте ликот од Боуви на мојата маица која ја носев, а неизбежно е да ве прашам за Боуви и неговото учество во филмот на Дени Бојл, (инаку миленикот на скопската публика од култниот „Треинспотинг”.

 

За жал, тоа не се случи иако со Дени долго време го разгледувавме сценариото, Дејвид не беше спремен да ја прифати главната улога, а работата ќе станеше посложена бидејќи требаше да ги добиеме авторските права од неговите менаџери кои бараа дополнителни ангажмани за веќе и така отежнатата ситуација.

 

Не би можел, а да не ве прашам кои се вашите омилени филмови?

 

Мојот мозок е како сунѓер кој впива се, а аплаузите одат кон филмските гиганти како Тарковски, Фелини, Бергман, Николас Реј…

 

Кога го спомнавте Николас Реј, ме потсетивте на „Човекот кој падна на земја”.

 

Секако, тоа е многу значаен филм каде што се застапени сексот, насилството и според мене, тоа е неговото најхрабро дело. Минатата недела гледав филм од Сорентино кој навистина допре до мене, а исто така многу ми се допадна и „Капернаум”.

 

За мене сепак, „Големата убавина” според критериумите на филмска е(сте)тика е неговиот најдобар филм, а некои сцени ме потсетуваат на Фелини каде доаѓа до израз сексипилот на главната актерка Сабрина Ферели која наликува на деновите од младоста на Анита Екберг.

 

Навистина никогаш не е досаден, секогаш е прониклив и има што да (рас)каже на гледачот, тоа е име кој не смееме да го заборавиме, а во иднина би го додал и него во листата режисерски имиња со кои посакувам што поскоро да соработувам.

 

Има нешто поетско во неговата експликација, а можеби наоѓа инспирација од делата на Алберто Моравија бидејќи ги разработува љубовните дилеми, друштвената алиенација и егсистенцијализмот. Вие сте вистински ерудит и освен што ја познавате беспрекорно професија, имате и завидно познавање од областа на сликарството, литературата и музиката. Би ве замолил, ако доаѓате следниот пат во Македонија, да ја посетите Кинотеката на Македонија, каде што работам јас. Ќе ми биде чест и задоволство.

 

Навистина би сакал да ја посетам Македонија повторно и секако, Кинотеката на Македонија.

 

Сосема на крај би сакал да ви се заблагодарам за издвоеното време, ви посакувам многу успех во следните филмски проекти а новиот предизвик ве чека уште од утре кога патувате за Бразил, а потоа во Аргентина каде ве чека новата авантура наречена филм.

 

Ви благодарам и вам за пријатниот разговор и прецизно поставените прашања, до следната средба ви посакувам многу успех во вашата работа.

 

Автор: Александар Василевски

 

Scroll to Top