Ретроспективата беше отворена на 7 февруари со проекцијата на „Персона“ на Ингмар Бергман (1966), кинематограферско дело на двојниот оскаровец и првиот меѓународен добитник на наградата Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“, Свен Никвист. Потоа го прикажавме канскиот победник „Париз, Тексас“ (1984) во режија на Вим Вендерс. Визуелната нарација на филмот ја изработи Роби Милер, добитник на Специјалната златна камера 300 за посебен придонес во светската филмска уметност на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2002 година и на Златната камера 300 за животен опус во 2016 година. Третиот прикажан филм беше „Големиот Лебовски“ (1998) на браќата Коен, снимен од двојниот оскаровец Роџер Дикинс, кој ја доби наградата Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2018 година. „Влези во празнината“ (2009), во режија на Гаспар Ное, а визуелно изработен од Беноа Деби, кој во 2010 година ја освои Златната камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“ за работата токму на овој филм, беше последниот филм од ретроспективата прикажан во февруари.
Март започна со „Амели“ (2001) на Жан-Пјер Жуне, кинематограферско ремек дело на Бруно Делбонел, кој беше номиниран за Оскар за овој филм и ја освои европската филмска награда за најдобар кинематографер, а во 2011 година ја доби Специјалната златна камера 300 за посебен придонес во светската филмска уметност на ИФФК „Браќа Манаки“. „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966) на Серџо Леоне беше вториот мартовски филм од ретроспективата, кинематограферско дело на Тонино Дели Коли, добитник на наградата Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2002 година. Следен прикажан филм беше „Ерин Брокович“ (2000), на режисерот Стивен Содерберг и кинематограферот Едвард Лахман, кој ја доби наградата Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2019 година. Март го завршивме со „Леон: Професионалецот“ (1994) на Лук Бесон, визуелно обликуван од Тиери Арбогаст, добитник на Наградата од публиката на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2006 година.
Април го започнавме со добитникот на Оскар за најдобар филм, „Паразит“ (2019) на Бонг Џун Хо. Кинематографијата на филмот ја потпишува корејскиот кинематографер Хонг Кјунг-Пјо, лауреат на Златната камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2018 година. По „Паразит“ следеше „Амадеус“ (1984) на Милош Форман, филм кој ги ожнеа Оскарите во 1985 година, освојувајќи осум награди, вклучително и Оскарот за најдобар филм. Кинематограферската работа на овој филм е дело на Мирослав Онджичек, добитник на Златна камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2001 година. Ретроспективата ја заокруживме со култниот класик „Трчај Лола, Трчај“ (1998) на Том Тиквер и на добитникот на Специјалната награда на жирито на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2000 година токму за овој филм, кинематограферот Франк Грибе.
Ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ посведочи за повеќедецениската посветеност на нашиот фестивал на славење на извонредноста во работата на кинематограферите и на визионерството на уметничките раководства на фестивалот преку откривање на талентирани кинематографери кои потоа станаа водечки светски мајстори на уметноста на филмската слика.
Од оваа причина, а и поради големата посетеност на проекциите, ретроспективата ќе продолжи на есен под наслов „Откритијата на Браќа Манаки“.