Manaki Brothers

МОЌНИТЕ ЖЕНИ НА „МАНАКИ“: ЕЛЕН ЛОТМАН

Елен Лотман е естонска кинематограферка, сценаристка и режисерка, која има работено на кратки и долги играни и документарни филмови, снимени ширум светот: во Јапонија, Тибет, Кина, Тајланд, Индија, Никарагва, Костарика, Лапонија и на Арктикот. Дипломира на аудиовизуелните студии на Педагошкиот факултет во Талин и го брани докторатот на тема „Искуствена хеуристика во фотографијата на играните филмови“, во 2021 година.

Лотман ги режира своите први кратки филмови уште во почетокот на 2000-те години. Во тој период започнува да работи и како снимателка, односно како ‘стедикем’ операторка на бројни филмови: „Вооружени мажи“/Malev (2005), „Јан Усполд оди во Тарту“/Jan Uuspõld läheb Tartusse (2007), „Георг“/Georg (2007), „Каде одат душите“/Kuhu põgenevad hinged (2007).

Кон крајот на 2000-те работи како кинематограферка на долгите филмови: „Таарка“/Taarka (2008), „Демони“/Demons (2012), „Кога најмалку oчекуваш“/When You Least Expect It (2016), „Моја драга мајко“/Rakas äitini (2020), награден за најдобар филм на Интернационалниот документарен и научен филмски фестивал во Парну. Кинематограферка е и на „Збогум, Советски Сојуз“/Goodbye Soviet Union (2020), награден од публиката на филмскиот фестивал „Блек најтс“ во Талин, на „Заспаниот ѕвер“/Tagurpidi torn (2022), номиниран за естонските филмски и ТВ-награди, и на „Уметноста во Студената војна“/Kunst ja külm sõda (2024). Режисерка, сценаристка и кинематограферка е на документарниот филм за 70-тиот роденден на естонскиот радиоводител Давид Всевиов, „Всевиов“/Vseviov (2020). Лотман, заедно со три други кинематограферки, се субјекти на документарниот филм: „Пред внатрешното око: Гледањето како професија“/ Before Your Inner Eye: Seeing as a Profession (2022). Сценаристка е на филмот „Контејнер“/Container (2024), филм за бегалците во метални сандаци, чија судбина е доведена во прашање. Лотман учествуваше во снимањето на виртуелната изложба за Уметничката сала во Талин, една од десетте најдобри виртуелни изложби според „Њујорк тајмс“.

Лотман има предавано во Средното уметничко училиште во Тарту и на Балтичкото училиште за филм и медиуми при Универзитетот во Талин. Таа беше копретседател на Европската федерација на кинематографери IMAGO, откако беше член на одборот на IMAGO, и копретседател на Комитетот за диверзитет и инклузивност.

Елен Лотман, на трибината „Гласови што дават сила“, на 44-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, говореше за суровоста на филмската индустрија во поглед на балансирањето на приватните и професионалните обврски. Според неа, тие што ќе посведочат дискриминација на сет најчесто одлучуваат да не реагираат, стравувајќи од последиците, но доживеаната обесправеност знае да предизвика кај дискриминираните чувствителност и постојан сомнеж во себе. Таа посочи дека своите три деца ги носи со себе на интервјуа и на филмските сетови, констатирајќи дека е подобар родител кога снима филмови.  

Scroll to Top