Моќните жени на „Манаки“: Тереза Мединa, AEC
Тереза Медина е една од најреномираните кинематограферки во индустријата во областа на филмот, телевизијата, рекламните видеоспотови и документаристиката во Шпанија. Во земја во која се доминантни мажите зад камера, Медина го користи своето искуство и познавање за да ги скрши тие родови стереотипи, со цел да помогне во промовирање на еднаквоста во филмската индустрија и доследно прикажување на шпанскиот филм на меѓународната сцена.
Медина дипломира на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, магистрира на Американскиот филмски институт AFI и на професионалната програма за сценаристи од колеџот UCLA. На 12 години ѝ се раѓа љубовта кон фотографијата и, низ макотрпен процес на експериментирање, открива што функционира, а што не во една фотографија, согледувајќи дека таа има моќ да раскаже приказна. Повеќе од една деценија престојува во САД, каде што работи во рамките на независната продукција и по завршувањето на престојот, се враќа во Шпанија, каде што го применува стекнатото професионално искуство во домашната продукција.
Таа е првата претседателка на шпанската Асоцијација на директори на фотографијата AEC, која од почетокот на извршувањето на оваа функција во 2018 година, започна промени во однос на професијата во Шпанија. Добитничка е на наградата Kodak Vision.
Од долгогодишното кинематограферско искуство, може да се истакне работата на играните филмови: „Нешта што никогаш не ти ги кажав“ / „Things I Never Told You“ (1996), љубовна романса која е добитник на наградата „Гоја“ за најдобро сценарио и освојувач на двојна награда на фестивалот во Прага, „Сината вечера“/„The Blue Dinner“ (2001) за мигрантката од Порторико, која започнува нов живот во САД, добитник на наградата „Алма“, „ 24-часовна жена“/The 24 Hour Woman (1999), награден за најдобар филм на филмскиот фестивал „Санденс“, „Сè е темно“/„Todo está oscuro“ (1997), награден за најдобар филм на филмскиот фестивал во Богота, смелиот еротски трилер „Женски перверзии“/„Female Perversions“ (1996) со Тилда Свинтон, кој е номиниран за најдобар филм во „Санденс“, како и „Одраз на криминално дело“/„Reflections on a Crime“ (1994), со награда за најдобар филм на фестивалот во Авињон.
Таа има снимено девет епизоди од првата сезона на популарната американска серија „Девојките Гилмор“/ „Gilmore Girls“ (2000) и има работено рекламни видеоспотови за режисерот Спајк Ли, за фестивалот „Санденс“ и за големи корпорации, како „Сони“.
Медина предава на Универзитетот „Небрија“ и во училиштето „Воксел“ во Мадрид. Моментално работи на ТВ-серијата „Ла фаворита 1922“/ „La Favorita 1922“ (2025), периодична ТВ-серија ситуирана во 20-тите години од минатиот век во Мадрид, каде што две жени ги користат стекнатите кулинарски способности за да отворат ресторан. Медина исто така е членка на Шпанската филмска академија. Таа има одржувано семинари на Универзитетот „Чепмен“, на Меѓународната алијанса на вработени во театарската сцена IATSE и на Институтот „Кодак“.