Моќните жени на „Манаки“: Бојана Андриќ
Бојана Андриќ е една од најистакнатите српски кинематограферки, која повеќе од две децении неуморно работи врз збогатување на српската филмска и телевизиска продукција со значајни и впечатливи остварувања.
Родена е 1983 година и дипломира на Катедрата за филм и ТВ–камера при Академијата за уметности во Белград во 2007 година.
„Мојот професор, кој има работено на 70 филмови, виде дека мојата енергија е комплетно внесена во филмот. Јас му кажав дека филмот е мојот живот и дека тоа е мојата определба“, истакна Андриќ додека учествуваше на трибината „Гласови што дават сила“ на 44-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Потпретседателка е на Српското друштво на кинематографери САС.
Ко-потпретседателка е на Меѓународната федерација на кинематографери ИМАГО. Составен дел е од Комитетот за диверзитет и инклузивност на ИМАГО и полноправна членка на Техничкиот комитет на ИМАГО, ИТЦ.
Нејзиното досегашно портфолио вбројува разновидни остварувања од сите можни филмски, видео и ТВ–формати. Од играните филмови може да се издвојат: комедијата „Малиот Буда“ / „Mali Budo“ (2014), акционата мелодрама со комични сцени „Есенски самураи“ / „Jesen samuraja“ (2016), филмот за созревање „Сечи“ / „REŽI“ (2019), трилерот „Во потрага по дивјаците“ / „Trag divljači“ (2022), а моментално работи врз психолошкиот трилер „Следи ме“ и врз екранизацијата на романот „Излет“ од 1957 година.
Обемен е бројот на епизоди од телевизиските серии кои ги има снимено, односно има работено врз повеќе од 370 епизоди од богатата српска телевизиска продукција, на семејната мелодрама „Погрешен човек“ / „Pogresan covjek“ помеѓу 2018 и 2019 година, криминалистичката „Убијците на татко ми“ / „Ubice mog oca“ (2020), мистериозната мелодрама „Бележникот на професорот Мишковиќ“ / „Beleznica profesora Miskovica“ (2021), тинејџерската „Во клинч“ / „U klincu“ (2022) и комичната драма „Сонце мајкино“ / „Sunce mamino“ (2023).
Искуството во документаристиката го стекнува најпрвин преку снимањето на српската итерација на ‘реалити’ серијалот „Преживеан“ / „Survivor“, потоа на документарната ТВ-серија „ЕР“ / „ER“. Пет години работи на програмата „РХП“ и снима документарни филмови за VICE во Србија. Оваа година таа работи и врз документарниот филм „Сонувачки“ / „Sanjalice“, филм за првиот женски југословенски рокенрол-бенд од средината на 60-тите години на минатиот век.
Учествувала на бројни професионални панели и семинари на ИФФК „Браќа Манаки“, „Camerimage“, „Oslo Cine Digital Conference“, „Paris Microsalon“, „Madrid Microsalon“ и на останати филмски фестивали.
На трибината „Гласови што дават сила“, Бојана Андриќ истакна дека статистиката за бројот на балканските кинематограферки е сиромашна, односно во денешните независни држави, кои произлегоа од земјите во поранешна Југославија, во Словенија нема ниту една кинематограферка, во Хрватска има една која работи во странство, во Босна и Херцеговина има две жени кои се телевизиски кинематограферки, во Србија има четири, а во Македонија има две кои не работат како кинематограферки на долги филмови.
На минатогодишното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, Андриќ одржа презентација под името „Осветлување на сет“, поддржана од Arri.