Manaki Brothers

КОИ СМЕ НИЕ

ФЕСТИВАЛ НА ВЕЛИКАНИТЕ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите. Првото издание се одржува во 1979 година на иницијатива на еден од главните основачи – ДФРМ – Друштвото на филмски работници на Македонија. Коорганизатори се и Кинотеката на Македонија и градот-домаќин Битола, а инспирацијата да се основа фестивалот е да се оддаде чест на богатиот фотографски и кинематографски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964).

По своето основање фестивалот растеше со голем потенцијал, за по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 Септември 1991, да прерасне во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во Конкуренција за 3-те Фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената Камера 300. Така Битола стана Мека на најдобрите светски кинематографери, откривајќи многу нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на Оскаровци кои низ години шетаа низ улиците на Битола, што ја сметаат за свое уметничко гнездо.

НАШИОТ КЛУБ НА ВЕЛИКАНИТЕ

Покрај плејадата лауреати на наградите од Официјалната конкуренција – КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки” е горд и на својот КЛУБ НА ВЕЛИКАНИТЕ, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300“ за животно дело и Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

По постхумно доделената Златна Камера 300 за животно дело на Милтон МАНАКИ на 17-от фетивал во 1996, а следната и Златните Камери 300 за животно дело на македонските доајени-кинематограферите Љубе ПЕТКОВСКИ и Бранко МИХАЈЛОВСКИ, во следните изданија до денес, лауреати на овие вредни награди, на првата, станаа кинематограферите великани на светската филмска уметност како: Свен Никвист, Анри Алекан, Фреди Фенсис, Хозе Луис Алкаине, Јержи Војчик, Раул Кутар, Виторио Стораро, Вадим Јусов, Мирослав Ондричек, Тонино Дели Коли, Валтер Карваљо, Мајкл Балхаус, Вилмош Жигмонд, Били Вилијамс, Питер Сушицки, Данте Спиноти, Анатолиј Петритски, Лучано Товоли, Крис Менџис, Ришард Ленчевски, Јаромир Шофр, Божидар Бота Николиќ, Роби Милер, Џон Сил, Џузепе Ротуно, Пјер Лом, Роџер Дикинс, Едвард Лахман, Јоргос Арванитис, Јануш Камински, Кристијан Бергер, Ентони Дод Ментл.

Добитници на специјалната награда „Златна камера 300“ се:

Кристофер Дојл, Ентони Дод Ментл, Роби Милер, Бруно Делбонел, Роџер Прат, Кристијан Бергер, Агнес Годар, Лука Бигаци, Федон Папамајкл; и од редовите на актерите: Викторија Абрил, Дерил Хана, Катрин Денев, Изабел Ипер, Жулиет Бинош, Бруно Ганц, Чарлс Денс, Мики Манојловиќ, Алексеј Серебрјаков, Клаудија Кардинале и режисерите: Јержи Менцл, Вељко Булајиќ, Карен Шахназаров и Менахем Голан, Милчо Мачевски, Андреј Кончаловски, двократниот Оскаровец – продуцентот Бранко Лустиг, композиторката на филмска музика Џослин Пук и Џон Метисон.

Многу од овие големи кинематографери беа претседатели или членови на главното меѓународно жири и на тој начин придонесоа значително во зголемувањето на важноста на нашите награди Камера 300, кои се доделуваат за исклучителни кинематографери, кои секоја година учествуваат во нашиот главен (игран) филмски натпревар.

Кликни подоле за да ја преземеш монографијата – 40 години ИФФК Браќа Манаки.

Scroll to Top