Загреб Филм Фестивал и Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион ги покануваат заинтересираните филмофили постари од 54 години, на работилница за филмска анализа и критика во рамки на овогодишниот ЗФФ, кој ќе се одржи од 10 до 16 ноември.
Учесниците од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора ќе имаат можност да бидат дел од Загреб Филм Фестивалот и четири дена да го следат Фестивалот со фокус на програмата на Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион.
Покрај проекциите, работилницата ќе се состои од дневни средби и дискусии за погледаните филмови, а критиките создадени за време на работилницата ќе бидат објавени по завршувањето на фестивалот. Раководител на работилницата е филмскиот критичар Нино Ковачиќ.
За учество, заедно со вашите лични податоци, испратете мотивациско писмо или краток филмски осврт (до една страница) најдоцна до 15 октомври на е-пошта nikovacic@gmail.com.
Избраните учесници од надвор од Загреб ќе имаат покриени трошоци за патување до 150 евра, престој и дневен оброк.
Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион е заеднички проект на осум регионални фестивали. Ја сочинуваат фестивалите-основачи: Сараево Филм Фестивал, Фестивалот на авторски филм Белград и Загреб Филм Фестивал, а потоа и придружните членови: Љубљанскиот филмски фестивал, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Меѓународниот филмски фестивал во Тирана, како и амбасадорите на Мрежата: Филмскиот фестивал Херцег Нови и Пезаро Филм Фестивал.