Во кино „Манаки“ денеска режисерот и продуцент Иво Трајков, одржа работилница за снимањето на филмот „Филм“. Се работи за „road film“, во кој Трајков се вози во кола додека самиот снима, односно во неговото филмско дело тој е и актер и режисер.
„На моите помлади колеги филммејкери, кои велат дека имаат брилијантни идеи но дека немаат буџет да ги реализираат, им велам – позајми камера, почни и снимај, не ти требаат пари. Оваа проекција ја направив за да докажам дека тоа е можно, да се сними филм без буџет. Јас ја имав само колава. Имав мал тим, бидејќи немавме место во колата. И глумев и режирав. Ја имав идејата, ја имав слободата и го снимив овој „road film“. Идејата беше да покажам дека човек каде и да оди, не може дс побегне од себе. Филмот е поголем од животот”, истакна Трајков на работилницата.
Иво Трајков е режисер, продуцент, монтажер, сценарист и драматург, роден во 1965 година во Скопје, Македонија. Дипломирал на режија на играни филмови на ФАМУ во периодот 1986-1992.
Во 1994 година ја основал Фондацијата „Светски Круг“. Како продуцент и драматург, таму има работено на повеќе од 150 документарни филмови, вклучувајќи и неколку играни филмови.
Досега има режирано осум играни филмови во широк спектар на жанрови, продуцирани во пет различни земји, ко-продуцирани од дванаесет земји.
Добитник е на бројни филмски награди. Од 2004 година работи како професор на ФАМУ, а од 2006 година како раководител на катедрата. Во 2008 година ја добил титулата Почесен амбасадор на културата на Република Македонија. Во 2015 година е ко-основач на Филмскиот институт – Филмска академија Охрид, Македонија, каде што е професор и раководител на катедрата.