Во рамките на ИФФК „Браќа Манаки, во киното „Манаки“ во Битола во полната сала беше прикажан филм омаж во чест на Рон Јохансон, реномиран кинематографер и долгогодишен член на Меѓународната федерација на кинематографери – IMAGO, кој почина во јуни годинава.
Проекцијата беше исполнета со силни емоции од колегите на Јохансон, кои преку филмот зборуваа за неговиот живот, неговата безрезервна посветеност на уметноста и визијата што ја споделувал со целата кинематографска заедница.
Неговите пријатели и соработници му се заблагодарија за инспирацијата и поддршката што им ја пружал со децении.
Јохансон долги години бил претседател на Австралиското здружение на кинематографери (ACS) и истакнат член на IMAGO. Како што истакнаа неговите колеги, освен како уметник зад камерата, тој ќе биде запаметен и како ментор, визионер и човек кој ги обединувал кинематограферите од целиот свет.
„Настрана од титулите и признанијата, Рон ќе биде запаметен по неговата дарежливост, топлина и силна лојалност. Тој менторираше генерации кинематографери, од кои многумина продолжија со успешни кариери. Ги обединуваше луѓето со својата заразна енергија и неверојатна смисла за хумор“, велат кинематограферите, членови на ИМАГО.
IMAGO, федерацијата која денеска обединува 57 национални здруженија и повеќе од 4.000 кинематографери, со оваа проекција уште еднаш ја потврдија својата мисија – да градат заедница без граници, каде што уметноста и колегијалноста одат рака под рака.
Омажот за Јохансон во Битола не беше само потсетување на еден извонреден живот, туку и повик кон младите генерации да ја продолжат неговата визија – светлина што ќе гори уште долго во светот на филмот.