Битола, 20-26.09.25

Бојана Андриќ: Избрав камера SONY Venice бидејќи овозможува флексибилност

За снимањето на филмот „Пупин“ користев камера SONY Venice поради флексибилноста што ја овозможува. Снимавме на различни локации, некои од нив – во мали коли, па моравме да се прилагодиме. Големата сензитивност на леќите беше уште една причина да ја користам оваа камера, истакна денеска Бојана Андриќ, кинематограферка од Србија која денеска зборуваше за снимањето на нејзиниот последен филм „Пупин“ во кино „Манаки“ во Битола. Дискусијата беше организирана и поддржана од компанијата SONY, а ја водеше Себастијан Леске од оваа компанија.

„Михајло Пупин е најголем иноватор после Никола Тесла, со кого живееле заедно во САД. Шест месеци се подготвувавме за снимање на овој филм. Направивме 10 епизоди. Тој живеел во 19 век во Србија, а до крајот на животот во САД. Филмот зборува за Пупин како осумгодишник, па потоа периодот на средно образование, па неговото селење од Прага во САД и неговата работа во Колумбија како професор. Имавме 10 жанрови во тие 10 епизоди, а има и љубовна сторија во фабриката. Имавме различни сетови за сите епизоди“, рече Андриќ.

Една од сцените требало да биде снимена во белградското Собрание, но поради политичките ситуации и блокади во Белград, не успеале во намерата, па направиле сетап во друг простор. 

„На крајот, сепак едвај успеавме да снимаме во Собранието. Имаме локација и во српското радио, каде што сетот беше наместен да изгледа како судница, во која се Пупин, Маркони и Тесла“, рече Андриќ.

На панел-дискусијата зборуваше и Александар Јакониќ, кинематографер на „Долг кон морето“ (Dug moru).

„Ова беше прв мој поголем проект. Јас како млад кинематографер, бев среќен што ќе рботам со српски признати режисери и актери. За мене беше љубов на прв поглед камерата SONY Venice. Тоа е вистински „гејм чејнџер“. Ако имаш алатка со која можеш да направиш се`, SONY е вистинскиот избор, меѓу сите други опции, можеш да избереш палета од леќи, а тоа за мене како кинематографер е одлична можност“, рече Јакониќ.

И тој и Андриќ истакнаа дека во Србија условите не се добри кога станува збор за филмската продукција и дека секогаш работат речиси без буџет.